На фонтантата во Градскиот парк во Скопје од 17 часот се собраа граѓани да го искажат револтот против високото загадувањето. Концентрациите на ПМ-10 честичките, репризно и оваа зима повторно се 10-15 пати над дозволените граници, па граѓаните со протестот сакаат да укажат на овој горлив проблем и да ја „подбуцнат“ индиферентноста на институциите. Бараат конкретни мерки, а не ветувања.
Истовремено граѓаните повикуваат и на поширока одговорност, со цел повеќе скопјани со своите постапки да не станат соучесници во негрижата за животната средина. На протестот може да се забележат транспаренти и пораки од типот „Скопје стана Пекинг“, „Сакам Дедо Мраз да ми донесе воздух“, „Не се дише“, „У…ПМ 10“…
Поддршка за скопјани стигна и од тетовчани. Од еколошката организација „Еко Герила“ за Радио МОФ велат дека загадениот воздух и животната средина немаат граници. Ако Скопје е загадено, тогаш и Тетово ќе биде загадено.
„Ние се приклучивме на овој протест да ги поддржиме скопјани, бидејќи нивно човечко и законско право, но и на сите граѓани на Република Македонија, е да имаат чиста животна средина. Тоа го гарантира Уставот, а сепак власта не го овозможува. Затоа сме тука да ги поддржиме тука и да испратиме барање до власта за решавање на овој проблем“, рече Џафери Аријанит од „Еко Герила“.