Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија остро реагира на, како што велат, говорот на омраза забележан на протестот пред Државната изборна комисија синоќа.
Реакцијата на Хелсиншки ви ја пренесуваме во целост:
Додека Државната изборна комисија ги разгледуаше и расправаше по приговорите поднесени од страна на политичките партии за предвремените парламентарни избори, пред седиштето на Комисијата беше организиран протест на кој присуствуваа симпатизери, членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Од присутните на протестот можеше да се слушнат скандирања кои повикуваат на омраза, раздор и нетрпеливост како: „Ќосето е жив“! Дополнително, во говорите на функционерите на протестот можеа да се забележат елементи на кривичните дела Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа и Загрозување на сигурноста кон повеќе лица, казниви според Кривичниот законик на Република Македонија.
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Валентина Божиновска, обраќајќи им се на присутните на протестот упати закана кон опозицијата и кон ДИК да внимава како одлучува по приговорите и да не помисли да одлучи да ја поништи волјата на народот, затоа што во спротивно ќе се случи „Ноќ на долгите ножеви“, алудирајќи на масакрот на политички неистомисленици кој се случил во Германија во 1934 година, при што нацистичкиот режим ликвидирал најмалку 85 луѓе од политички причини.
Пратеникот Амди Бајрам во својот говор му порача на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека „многу бргу ќе му дојде погребот”, дека „ќе го удри инфаркт за неколку дена“ и дека „ќе му палиме свеќа на гробишта“. За целото време на протестот пред Државната изборна комисија се извикуваше „клетите шиптари“, а Директорот на државниот архив Филип Петровски употребуваше говор кој во себе содржеше закана за одреден амбасадор во земјата.
Согласно чл. 144 став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија тој што ќе ја загрози сигурноста спрема повеќе лица со сериозна закана дека ќе нападне врз нивните животи или тела или животите или телата на нив блиски лица, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.
Воедно, според член 319 од Кривичниот законик се предвидува казна затвор од 1 до 5 години за оној кој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничните или верските симболи или на друг начин, ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост.
Во истата насока е и списокот кој циркулира на социјалните мрежи во кој се наведени адресите на дел од кандидатите за пратеници и активисти на Шарената револуција, со повик до приврзаниците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, да „се посетат” овие личности. Ваквиот јавен повик за линч извршен преку социјалните мрежи претставува кривично дело – Ширење на раситички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидено во чл. 394-г од ривичниот законик на Република Македонија. Дело за кое е предвидена казна затвор од една до пет години. Со истата казна ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање. Тој што делото го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и до насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.
Оттука, Хелсиншкиот комитет апелира до надлежните државни институции, вклучувајќи ги Министерството за внатрешни работи и јавното обвинителство да преземат итни и неодложни мерки за гонење на говорот на омраза, бидејќи а неказнивоста на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза.