На социјалните мрежи се појави уште една иницијатива, овој пат станува збор за петиција за стопирање на изградбата на Панорамското тркало во Скопје.
Овој објект е еден од најконтроверзните во проектот „Скопје 2014“, кој државата ќе ја чини 20 милиони евра.
„Рокот за изградба е пет години. Панорамско тркало ќе има дијаметар од 57 метри, а целиот објект ќе се издигне 73 метри над брегот на реката. На тркалото ќе бидат поставени 30 кабини во форма на гондоли со носивост од од 750 килограми, односно просечно осум места за возрасни и две за деца во секоја од кабините“, се вели во петицијата.
Потписите собрани од онлајн петицијата се упатени до градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, но и до Владата.
Петицијата против овој проект може да се потпише на следниот линк.
Петициите започна откако во соседните држави се покрена иницијатива да се откаже дочекот за Нова година и парите да се пренаменат за социјално загрозените семејства. Откако во повеќе поголеми градови успеа овој потег, и македонските граѓани направија петиција со која побараа поголемите градови да го направат истото. По ова, надлежните во Велес, Битола и во Скопје соопштија дека ги откажуваат прославите, додека од Општина Центар информираа дека прославата ќе биде од хуманитарен карактер.
После оваа иницијатива, се појави и петицијата со која Наставнички пленум бара да се укине екстерното тестирање.
Во моментов, петицијата за запирање на изградбата на Панорамското тркало ја потпишале приближно 3 000 граѓани.