Воздухот не познава граници. Овој воздух сите го дишеме и токму поради тоа за проблемот со аерозагадувањето не треба да тераме политика. Ве повикувам сите заедно да работиме на решавање на овој предизвик – граѓаните, моите колеги градоначалници и сите надлежни служби да се ангажираме и да се вклучиме во заштитата на амбиентниот воздух од загадување, рече денеска градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, по средбата со градоначалниците од скопскиот плански регион, со цел да разговараат за загадувањето, за причинителите и за можните мерки.
Она што новинарите го слушнаа на прес-конференцијата е она што јавноста го слуша години наназад. Многу најави за мерки, но без инстант санкција, туку бројни препораки и ветувања. За дел од нив не се знае дали, кога и како би се реализирале.
Според Трајановски, градоначалниците разговарале за можноста Градот Скопје, општините и централната власт да субвенционираат проширување на топловодната мрежа и вклучување на домаќинствата кон неа, како и за можноста сите станови во една станбена зграда, без исклучок, да бидат приклучени на системот за парно греење.
„Воедно апелирам до БЕГ и до ‘Елем Енергетика’ да размислуваат за намалување на цената на парното греење, за што со нив ќе разговараме на официјална средба. Со колегите градоначалници зборувавме да се вклучат во субвенционирањето на граѓаните за набавка на печки на пелети, како и да се изготви правилник за користење цврсти горива со кој во догледно време ќе се забрани употребата на нафта, јаглен и други недозволени материјали за затоплување на домаќинствата. Разговаравме за можноста општините да субвенционираат други видови загревање во домовите за што тие ќе направат анализа, како и можноста општините да се вклучат во субвенционирањето велосипеди и во изградбата на велосипедски патеки на улиците коишто се под нивна надлежност. Во 2017 ќе се изградат уште две велосипедски рути од проектот ‘СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017’“, рече Трајановски.
Со формирањето на новата Влада, очекувањето на градоначалникот е итно да се објави тендерот за гасификација на Скопје. Од т.н. микро-мерки, пак, рече дека ќе се интензивираат контролите кај инсталациите кои подлежат на Б-интегрираните дозволи, додека општините ќе ги контролираат помалите капацитети.
Според неодамнешното истражување во склоп на Планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух за Скопскиот регион, загревањето на домаќинствата е најголем причинител за загадувањето со 32%, пред сообраќајот со 20%, прашина создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности – 19% и индустријата со 18%.
Оттука, Радио МОФ го праша Трајановски дали делумните субвенции за печки на пелети се маргинални, симболични мерки, ако се знае дека со нив беа опфатени само 196 граѓани, а во Скопје има барем 100.000 домаќинства што не се поврзани со централното парно греење?
„Ние тие пари што ги издвоивме (годинава за субвенции за пелети 5.890.000 денари н.з.), сакавме на почетокот да кажеме дека оваа мерка е една од мерките што ќе допринесе за намалувањето за загадувањето, и греењето на пелети е греење кое дава најмала емисија на штетни гасови. Оваа година скоро ја дуплиравме таа вредност. Владата на РМ исто така ќе донесе мерка со која многу повеќе пари ќе бидат наменети за набавување на печки за пелети, и не само тоа, туку ќе бидат ослободени од ДДВ и сл. Исто така, Владата треба да донесе мерки со кои се’ повеќе ќе мора да купуваме велосипеди на елетричен погон. На пример, во институцијата два од четири автомобили ќе треба да бидат електрични, граѓаните да бидат ослободени од дел од цената на електромобилите и сл“, одговори Трајавноски, сметајќи дека сето тоа се „сплет на мерки кои ќе овозможат намалување на загадувањето“.
Трајановски тврди дека Градот ги разгледал предлозите на граѓаните што оваа среда ќе протестираат против загадувањето. Тој се огради од надлежноста за 20-милиони скапото Панорамско тркало, кое повторно стана актуелно по покренатата петицијата за негово стопирање. Истовремено, Трајановски се огради и од ингеценциите за воведување пар-непар за возилата. Неговиот колега од Сараево веќе потегна ваква мерка, но Трајановски тврди дека тоа не го воведува Градот, туку Министерствата за животна средина, за здравство и внатрешни работи.
„Ние како Град Скопје и минатата година сме побарале, еве сега навршија 10 години. Ќе има Комитет за животна овие денови, ако не утре-задутре, па ќе го отвориме и ова прашање. Ќе го отвориме како барање на градоначалниците и како мерка. Тие ја знаат таа мерка, и да видиме кој е методот и начинот за нејзина примена. Не седиме со скрстени раце и не е точно дека воопшто не донесуваме некакви мерки“, рече Трајановски.
Б.Ш.