„Проблемот е што не ја слушаме содржината, луѓето ги гледаме површно и стереотипно. Кога ќе научиме да перцепираме содржински, а не според она што ни пречи во нашиот видокруг на вредности, тогаш мислам дека ќе се научиме и да дебатираме. И да ни се јави потреба во нас, за да бидеме подобри во дискусијата, да извадиме и аргументи. Вие не можете на луѓето да им наметнете да кажуваат аргументи, тие мораат да произлезат од нив“, вели новинарот, водител и активист Огнен Јанески, кој е дел од првиот подкаст Skills that pay the bills.
Подкастот Skills that pay the bills Е1 тематски ги опфати комуникациските вештини, дебатата, но и односите со јавност и активизмот.
Освен Јанески, разговаравме и со Сашо Дуљанов, раководител за одделот за односи со јавност во агенцијата „Публицист“. Тој зборуваше за својата професија, предизвиците и особините на лице што брани интереси на компанијата, но и за разликата меѓу добрата пропаганда и ПР-от.
Исто така, зборувавме и со Лазар Поп Иванов и Мартин Божиновски, тренери на обуките за млади на тема комуникациски вештини, аргументирано изразување и дебата. Двајцата ја потенцираа важноста на дебатата во демократските општества.
Целта на Skills that pay the bills е да ангажира млади лидери преку граѓанското учество и претприемнички активности, а исто така да го зголеми информираниот јавен дискурс за клучните демократски и економски прашања со кои се соочува македонската младина.
Подкастот е реализиран во склоп на проектот „Градење на следната генерација на млади лидери“ и е поддржан Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE).