Во Национална галерија на Македонија – Мала Станица во вторник од 19:30 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Глорија и Глорија“ од Зоран Шекеров.
Јулијана Росоклија наведува дека Зоран Шекеров е бескомпромисен и сурово искрен во секаквa смислa, со исклучително невообичаен дух, но и „еден од еден од најинтересните карактери што ми се случиле во последниве две- три години“.
„Неуморен извор на приказни што звучат речиси невистинито и пријател на најпотценетите ликови во драмата наречена општество. Во моите очи, за него фотографијата не е само момент во вечноста, ниту само алат за себично зграпчување, зачувување и документирање на моментот. Она што го фотографира е без извинување она што го гледа со голо око – субјективно, непријатно вистинско, гротескно, убаво, грдо и извртено како животот. Во неговите очи, работејќи заедно и дружејќи се, се видов себеси во вистински и понекогаш, за мене непријатни светла. Бидејќи другарите се најдобрите огледала“, стои во дел од написот на Росоклија, како увод за изложбата на Зоран Шекеров.