Лични податоци на 4.793 студенти од Машинскиот и други државни и приватни факултети се испратени на електронските пошти на стотина студенти од Машински факултет (УКИМ), преку неговите официјални мејлови.
Дата базата содржи број на индекс, адреса на живеење, град, телефонски број, мејл и лозинка за мејлот, што е спротивно на Законот за лични податоци.
Оваа информација првично започна да се шири на социјалните мрежи. Радио МОФ се обидува да стапи во контакт со официјални лица од факултетот за да дознае дали станува збор за грешка, или пак, значи дека е хакиран системот на факултетот.
Според датабазата, најголемиот дел од информациите се на студенти на Машинскиот факултет. Студентите со кои Радио МОФ стапи во контакт ги интересира кој ги води овие бази и како е можно во базите да има лозинки од мејлови.