[Анализа] Како функционира пропагандата во Македонија (2)

Спинување, заокружување, извртување на факти, повторување тенденциозни вести, генерирање омраза, заговори, дефокусирање на јавноста… Листата е долга. Пропагандната машинерија функционира на различни начини, употребувајќи разни инструменти. Освен прашањето од каде доаѓа и за што служи пропагандата, новинари и медиумски експерти за Радио МОФ анализираат колку таа е поврзана и со поширокиот општествен и политички контекст, со состојбата во новинарството, и дали повеќе медиумски писмени и критички свесни граѓани значат и помала можност за „провев“ на пропаганда.

Жанета Трајковска за Институт за комуникациски студии дава основа за тоа како се дефинира пропагандата и како функционира општо, но и преку медиумите. Според неа, пропагандата може да се гледа како на комуникациска техника што се користи за манипулација со јавноста за промена на нејзиното мислење или однесување. Нејзината цел е една – да одбрани одредена политичка идеја и да ја задржи политичката елита на власт.

Жанета Трајковска

Жанета Трајковска

Некогаш дури и се креира форма на отворен јавен дискурс за дебата со кој се сака да се излаже јавноста дека има повеќе опции за дебатирање и избор. Во овој процес пропагандистите секогаш пред себе ја имаат претходно поставената цел и ја контролираат вештачки создадената политичка и медиумска реалност. Синонимите што ја објаснуваат пропагандата се лага, дисторзија, манипулација, перење на мозокот, психолошка војна и, во последно време, и спин или извртување“, анализира Трајковска за Радио МОФ.

Според неа, пропагандата ги укинува критичката мисла и рефлексијата во едно општество. Затоа, вели таа, пропагандистот се обидува да ја контролира информацијата, како таа се развива и како се дистрибуира низ различни стратегии за комуницирање и за информирање. Тој најчесто има скриен идентитет за да има поголема контрола над ситуацијата и да може полесно да манипулира со јавното мислење.

Контролата на информацијата и нејзиното менаџирање се реализираат на различни начини: со задржување информации, со праќање информации во одредено време или како противтежа на одредни случувања за да се влијае на јавната перцепција или да се создаде нова информација, со селективно пласирање информација, нејзина дисторзија или извртување на информацијата.

„Контролата на информацијата пропагандистот ја прави на два основни начини: прво, контролирање на медиумите како извор на информација и, второ, презентирање извртена информација преку навидум кредибилен извор. Злоупотребата на новинарите да инфилтрираат информации и да ги прошират во јавноста е еден вид извртување. Пропагандата во новинарството е процес со кој се управуваат вестите, се извртуваат и спинуваат информациите, истакнувајќи ги само позитивните аспекти во јавноста. Тоа е и нашата реалност во Македонија и она што со години наназад ни се сервира преку медиумите“, забележува Трајковска.

Сашка Цветковска, истражувачки новинар во НоваТВ, потенцира дека пропагандата во Македонија е централизирана, односно владејачката партија има максимално организиран систем на контрола. Со мали исклучоци, вели таа, речиси сите традиционални мејнстрим медиуми се под комплетна контрола на власта. И тие функционираат „како едно големо ОЗТ, како фирма, друштво“.

Секое одделение од ова ОЗТ си добива посебни дневни задачи од Центарот. Кога го изработувавме истражувањето Контролна соба, извор кој е високо во организацијата, ни даде информации за целата кореспонденција со директорот на телевизијата, главниот уредник, новинарите и партијата. Директор на телевизија, пример, денеска наутро прв добива списокот и е надлежен да распредели што и во која телевизија ќе оди како прилог, на што да се внимава…  Дури новинарите добиваат комплетно напишани текстови. Само ги читаат. Има ситуации кога партијата го користи снимателот на владата за да ги снима ’експертите’, кои секој ден се појавуваат на телевизија, и потоа ги сече и распределува тие изјави, ги праќа по WeTransfer на одредени телевизии. Пример, се укажува на едни телевизии да пуштат изјава од конкретен ’експерт’, а овие другиве нека ’прошараат’ со останатите владини ’експерти’. Притоа се користат и ресурси од граѓаните на Република Македонија, бидејќи некој е платен да снима делегации, активности на премиерот на РМ и сл., а не да прави анкета за телевизија“, вели Цветковска за Радио МОФ.

Според неа, дури се местат и анкети. „Центарот на ОЗТ-то“, односно управниот одбор на партијата нарачува анкета. Собира луѓе од штабот, кои се договорени во одреден период на одредено место и даваат изјава на договорени прашања, кои ги поставува пратен новинар. Тој ги снима овие „случајни минувачи“, а потоа таа „анкета“, односно „изјавите“ новинарот од конкретната телевизија ги рапределува по телевизиите. Пример, три изјави одат за една телевизија, две во друг медиум итн.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Ако денеска еден Центар контролира најобична анкета, можете да замислите до каде оти таа контрола. Друг механизам за контрола се парите. Средствата одат само во одредени телевизии. Контролата е толку голема што нас ни се видливи само големите телевизии со национални концесии, меѓутоа мал поглед да се фрли врз регионалните и локалните, бројките ќе ве запрепастат. Ние имаме регионални телевизии, кои откако пред три години беа откупени од бизнисмени блиски до власта, според извештаите на Агенцијата за медиуми, заработуваат многу повеќе од некои национални телевизии. Ги контролираат рекламите, ги делат парите. Не само што комплетно го корумпираа медиумскиот простор, туку ги делат парите на приватниот сектор. Познати етаблирани компании не можат да се рекламираат секаде. На дел од професионални новинари и медиуми им пристапуваат бизнисмени за да даваат ’пари под рака’, ама не сакаат официјален удел во легитимно рекламирање, бидејќи стравуваат од власта“, потенцира Цветковска.

Истражувачката на НоваТВ напоменува дека пропагандата успеала да наметне цела реторика на изборите во Македонија. И тоа, вели таа, со влегување на само една вест на два лажни портали регистрирани во Србија и Хрватска од државни функционери, односно, една лажна вест го одредила курсот на кампањата, а тоа дека „Заев земал 4 милиони евра за да ја федерализира Македонија“.

Според Цветковска, процесот за спречување, демонтирање на пропагандната машинерија е тежок. Таа борба, дополнува, мора да се развива на глобално ниво. Ако пропагандата помогна да се донесе претседател на држава како САД, тогаш, прашува таа, што останува за Македонија?

Борбата ја водиме со лажни вести и сајтови, со сајтови без сопственици, без импресуми. Сајтови кои ги водат луѓе без лице. Не знаеме кој ни зборува, кој ни се обраќа, а тие влијаат на општествени процеси.

„За да денеска имате телевизија и да оперирате со јавни информации, речиси во секоја држава, па дури и недемократските мора да ја пријавите во одредено тело, да исполнувате одредени услови. А, веб сајт може да има секој, и денеска тие се дури и повлијателни од многу телевизии, а немаат обврски кон никого. Операаат низ просторот со јавни информации, но без никакви обврски. Оттука, се поставува прашањето дали слободата која ја нуди интернетот прави поголеми штети отколку корист? Одговорите ќе се бараат и на поголема мапа, не само во Македонија. Она што земјава може да го направи е, овој тип на пропагандистички гласила, да не се хранат со државни реклами, и да се едуцираат бизнисмените бидејќи имаат општествена одговорност. Да не ги постираат своите реклами на портали што се занимаваат со пропаганда. И третата опција е саморегулирање и новинарскиот еснаф сам да се исчисти. Меѓутоа, дел од новинарите не знаат што е еснаф, одговорност и принципи на новинарството, па како ќе разговараме заеднички?“, прашува Цветковска.

Новинарот и претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, потенцира дека карактерот на режимот го диктира и карактерот на медиумите. Овој факт, вели тој, најдобро го опишал францускиот филозоф Албер Ками, кој сметал дека слободниот печат, може да биде добар или лош, но без слобода печатот може да биде само лош. Според Селмани, тоа во превод значи дека во Македонија имаме пропагандни медиуми затоа што немаме слобода.

Напоменува дека сите авторитарни режими личат еден на друг. Сите режими себе се сметаат за мисионери за спасување на некоја кауза. Тие пропагираат дека ги спасуваат луѓето од некое големо зло.

Насер Селмани

Насер Селмани

Фашистите се прогласија како спасители на германската раса од евреите и инфериорните раси. Комунистите им објавија војна на капиталистичките угнетувачи на работничката класа, а екстремниот верски радикализам, цели народи и држави ги идентификуваат како приврзаници на Сатаната. Авторитарниот режим на Груевски не е исклучок. Неговиот режим си зададе мисија да се бори против внатрешните и надворешните непријатели на Македонија, кои кројат заговори против нејзиниот народ. За режимот непријатели на Македонија е Западниот слободен свет, кој во дослух со македонската опозиција, Сорос и клетите Албанци, сакаат да ја рушат патриотската власт и да го уништат македонскиот народ и држава. Вистината е сосема друга. За да опстои на власт на режимот му требат дежурни непријатели, кои најчесто се измислени, за да ги дефокусираат граѓаните од вистинските животни проблеми. Додека јавноста се занимава со ловот на вештерки, врхушката безгрижно може да владее и нема да мора да даде отчет за злоупотребата на власта“, вели Селмани за Радио МОФ.

На прашањето од каде доаѓа и за што служи пропагандата, и дали таа е поврзана со медиумската писменост, Селмани потенцира дека пропагандата е производ на авторитарните режими. Тие режими, вели тој, во отсуство на вистински вредности промовираат лажни, извитоперени наводни вредности. Едно зборуваат, друго прават. Смета дека „зад наводната грижа за народот, државата, пролетерите, верниците, се кријат нивните вистински интереси, да останат што е можно подолго на власт, која ја стават единствено во функција на интересите на нивната каста“.

Пропагандата им е единствен инструмент за да се одржат на власт затоа што преку неа си ги величат нивните наводни успеси и ги сокриват слабостите, а од друга страна ги сатанизираат противниците. Медиумската писменост може да помогне во намалување на последиците од пропагандата, но таа не е клучна во нејзиното разобличување. За тоа е потребна поширока граѓанска акција.

Координирана и постојана акција на слободните медиуми, политичката опозиција и на научната и интелектуалната елита, за деконспирација на нивните спинови. Видете што се случи во Америка и Европа со лажните вести. Никој не може да каже дека американската и европската јавност е медиумски неписмена, но се покажува дека нивната писменост не е недоволна за да се заштитат од негативните ефекти на пропагандата на тоталитарните умови. Авторитарниот режим на Путин ги користи социјланите мрежи како платформа за помагање на политичари во САД и Европа со слична ментална матрица. Веќе социјалните мрежи стануваат канал за ширење на нивната пропаганда и труење на јавниот простор со цел да ги наведат граѓаните на погрешна акција“, анализира претседателот на ЗНМ.

Селмани смета дека нема такви граѓани во светот што целосно се имуни од негативните ефекти од пропагандата. Единствен лек против тоа зло според него е здружена и постојана акција на сите граѓани во одбрана на слободата и демократските принципи и вредности.

cartoon_this_version_to_use

Потврдува и дека е поврзана со општата состојба во општеството. Според него, пропагандата најлесно може да се забележи во медиумите, кои режимите ги инструментализираат за нивните интереси. Карактерот на едно општество, дали е слободно или затворено општество, вели тој, најлесно можете да го забележите преку тоа дали во тие земји има слободни и професионални медиуми. Односно, таму каде што нема слободни медиумите, нема ниту слобода.

Нашата несреќа е што уште живееме во голема заблуда. Ние во 1991 година слепо поверувавме дека станавме слободна и демократска земја само затоа што тогаш усвоивме демократски устав и воведовме повеќепартиски систем. Се излажавме себеси дека преку ноќ од тоталитарна комунистичка земја, без никаква демократска традиција, можеме да станеме слободна и демократска земја. Се покажа дека ние немаме елити што сакаат и можат да воспостават демократски поредок. Останавме на знаењето од комунизмот во градењето на политички системи. Место во 1991 гофина да направиме драматичен дисконтинуитет со комунистичкиот режим, македонската политилка и економска елита се определи за демократска фарса, која сега ни се удри по глава. Поинаку и не можеше да биде. Излезот е во соочување со горката вистина. Да признаеме дека Македонија не е слободна земја. Ако ја прифатиме таа реалност, многу полесно ќе го најдеме патот до слободата“, потенцира Селмани.

За него, единствен начин да се спречи пропагандата е борба против изворот на пропагандата. Се додека во една земја има авторитарна власт, смета, ќе има и пропаганда.

Пропагандата е последица на авторитарната власт. Илузорно е да се поверува дека медиумите и новинарите можат сами да се борат против таквите режими. Без општествена акција, на сите прогресивни сили во општеството, кои искрено веруваат во слободата и демократијата, не може да се добие таа битка. Пред се, политичката опозиција треба да ги мобилизира и охрабри сите прогресивни сили во општеството, граѓанскиот сектор, претприемачите, академската и научната јавност, уметниците, спортисите. Сите да застанат во одбрана на нивните човекови права и слободи“, констатира Селмани.

[Анализа] Како функционира пропагандата во Македонија

Бојан Шашевски