Центрите за развој и кариера при Машинскиот: Протечените податоци се на корисници на нашиот систем

Речиси две недели по протекот на личните податоци на приближно 5 000 студенти, надлежните се уште немаат одогвор на прашањата – што точно се случи и чија е одговорноста.

Центарот за развој на нови бизниси (БСЦ) и Центарот за кариера при Машинскиот факултет во Скопје појаснуваат дека не добивале податоци од страна на факултетските служби, туку располагале исклучиво со податоците добиени преку регистрација на корисници во нивниот систем.

Тој бил отворен за регистрација за секој граѓанин, со цел луѓето полесно да пристапат до услугите на центрите како обуки за започнување бизнис и подготовка за процесот на барање работа, учество во натпревар за најдобар бизнис план, пребарување огласи за отворени работни места, како и известувања за настаните на двата центра. Од службата велат дека системот е поставен на посебен сервер, токму поради заштита на останатите податоци во него, но дека по „протекот“ на информациите, тој бил исклучен.

„Би сакале да нагласиме дека системот на БСЦ и Центарот за кариера не добива податоци од други институции, ниту пак податоците за своите корисници ги предава на други институции. Центрите исклучиво користат податоци од регистрирани корисници за намената за која корисниците се регистрирале во системот“, велат од центрите за Радио МОФ.

Дата базата содржи број на индекс, адреса на живеење, град, телефонски број, мејл и лозинка за мејлот. Таа беше испратена на електронските пошти на стотина студенти од Машински факултет, преку неговите официјални мејлови. Потоа, студентите меѓусебно си ја испраќаа за да проверат дали нивните податоци се во неа.

Од Центрите тврдат дека системот не обработувал податоци за лозинки за личната електронска пошта на корисниците, ниту пак за други системи и услуги. Според нив, во јавноста протекле лозинките кои корисниците ги оставиле единствено за отворање и пристапување кон нивниот профил во базата на БСЦ.

„Лозинките кои системот развиен во 2006 година ги чува во текстуален формат и за жал како такви протекоа во јавноста, се лозинки поставени од страна на корисникот единствено за отворање и понатамошно пристапување кон корисничкиот профил во базата на БСЦ. Единствена можност за пристап кон профилите за електронска пошта, или други интернет услуги со таа лозинка е доколку корисниците користат иста лозинка за повеќе услуги (доколку корисниците истите лозинки ги користеле за најава во други системи)“, стои во одговорот на центрите.

Поради ова, тие побарале од регистрираните корисници веднаш да ги променат своите лозинки, секаде каде што ја користеле истата лозинка.

Протечената дата база покрена бројни дискусии и реакции на социјалните мрежи. Една од реакциите беше како во неа има податоци и за поранешни студенти. На ова, од центрите велат дека тие ги чуваат податоците на активните корисници, односно се додека тие не го избришат својот профил.

„За користењето на овие услуги, во базата се регистрирани сегашни и дипломирани студенти од различни факултети и универзитети, па и лица кои воопшто не биле запишани на некоја од високообразовните институции во Република Македонија. Центарот ги чува податоците само за активните корисници, односно додека тие не побараат исклучување и бришење на нивниот профил“, објаснуваат од центрите.

Инаку, БСЦ  и Центарот за кариера се основани пред 11 години како дополнителна неакадемска поддршка за само-вработување и вработување на студенти, наменети претежно за студенти на Машинскиот факултет, но отворени за сите млади луѓе во Република Македонија.

Е.П.