Прв ден екстерно тестирање на матуранти, прашањата соодветни со материјалот

Почнувајќи од денес, до 3 февруари, ќе се спроведува екстерното тестирање за матурантите. Годинава ќе бидат тестирани околу 18600 матуранти во средните училишта низ Македонија.

Од информациите кои Радио МОФ досега ги доби од матуранти, прашањата на екстерното тестирање биле извлечени од соодветниот материјал за кој се полага.

„Додека јас полагав, ниту кај мене, ниту кај останатите ученици кои беа во истата училница немаше технички грешки или проблеми“, вели Т.Х, матурантка во СУГС „Орце Николов“.

Ј.Б. од средното училиште „Васил Антевски – Дрен“ потврдува дека прашањата се совпаѓале со материјалот кој го изучувале. Сепак, во училиштето имало мали технички застои:

„Имаше проблеми со системот, а тестирањето доцнеше околу 40-тина минути“, вели таа.

Датумите за полагање беа поместени поради одлуката за продолжен зимски распуст, која МОН ја донесе поради сезоната на грип.

Од МОН известија ека една недела пред тестирањето учениците добиле информација за деновите на тестирање. Распоредите на полагање, како и предметите по кои учениците ќе бидат проверени беа објавени изминатиот петок.

Прелиминарните резултати е најавено дека ќе бидат објавени на 7 февруари, објави Државниот испитен центар.