Масаите од Кенија и Танзанија претставуваат една од најмоќните слики за племенската Африка, која успеала да опстои сѐ до денес. Но, нивната култура полека е присвоена и исчезнува, поради модните брендови кои крадат од нивната култура.
Компаниите низ светот веќе некое време ја експлоатираат иконичната облека на Масаите, со цел да „вметнат нишка на егзотицизам“ во нивните производи и да ги подигнат цените, пишува Independent.
Најпознатата ваква модна колекција е веројатно Пролет/Лето колекцијата за мажи на Луј Витон од 2012 година. Во неа беа вклучени шапки, кошули и марами инспирирани од Масаи Шука – традиционално африканско ќебе со сини и црвени бои.
Клучниот проблем овде е што Масаи племињата не добиваат ништо како компензација продажбите на луксузните брендови, иако им помогнале да заработат милијарди долари, тврди Light Years IP, непрофитна организација од Вашингтон која работи на повреда на интелектуалната сопственост интернационално.
Како резултат на тоа, се формираше друга група позната како Иницијатива за интелектуалната сопственост на Масаите. Создадена е за да ги предизвика компаниите кои го користат или копираат стилот на племињата без да добијат лиценца или договор.
Иницијативата се надева дека преку работење со заедницата и принудување на компаниите да добијат лиценца од Масаите, одредени средства од заработките ќе можат да им се дадат и на племињата.
„Речиси 80 проценти од Масаи населението во Кенија и Танзанија живеат во сиромаштија“, објаснува веб страницата. „Сепак, нивната впечатлива и иконична култура и интелектуална сопственост се користени комерцијално на сите страни на светот“.
Исто како што, на пример, Барбери има авторски права и трговска марка, така и Масаите наскоро ќе можат да си ги заштитат традиционалните дизајни.
Преку работење со Масаите преку средби со заедницата и собири, иницијативата се надева дека ќе ја стави контролата над културниот бренд назад во рацете на народот, и ќе се осигура дека ќе добијат компензација.
Сегашните пресметки покажуваат дека околу 80 компании моментално ја оштетуваат оваа заедница, а Масаи племињата би можеле да добијат отштета и до 10 милиони преку издавање на дозволи секоја година.