Еден месец по протекот на личните податоци на приближно 5.000 студенти од Машинскиот и други државни и приватни факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, случајот се уште не е разрешен. Истрагата која се чинеше како лесна задача за надлежните, се уште не го посочува виновникот.
Деканот на Машинскиот факултет, Дарко Данев, во интервју за Радио МОФ вели дека до крајот на истрагата не може точно да се каже каде настанал проблемот.
„По протекувањето на датабазата, ние веднаш се обративме до Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), но бидејќи беше празник, на првиот работен ден и писмено се обративме до нив. Оттаму испратија две лица од IT и правниот сектор. Луѓето дојдоа, увидоа за што станува збор и проверија какви процедури имаме за заштита на личните податоци. Ни дадоа записник за постапување за дел од работите што ги најдоа дека треба да ажурираат, или да се коригираат. Веќе се направени записниците и се вратени во ДЗЛП. Очекуваме одговор од нив да ни кажат дали сме постапиле правилно“, вели Данев.
Тој информира дека серверот сè уште не е вклучен откако беше исклучен по дознавањето за протекот.
„Проструи вест дека ние ги имаме истите информации како студентската служба, или iKnow системот. Тоа навистина не е така, базата не се храни од ниту еден друг центар, тоа се податоци коишто доброволно ги оставиле корисниците кои се регистрирале на таа база, а за тоа потребно е да се најават со одредено корисничко име и лозинка“, појасни Данев.
Сепак, тој не гледа причина зошто некој би пристапил до базата и би ја хакирал.
„Моето лично претчуство е дека во принцип нема зошто, односно нема кој да влегува, да хакира еден таков Бизнис стартап центар, или Кариерен центар. Можеби истрагата ќе покаже дека навистина имало и некаков упад во системот, но јас мислам дека нема основа кој да направи таква работа“, подвлече тој.
Истрагата е клучна за овој случај, бидејќи таа ќе покаже чија е одговорноста.
„Ако ние сме погрешиле во нашите процедури, секако дека Факултетот ќе си ја носи одговорноста. Ако била намерна грешка, или упад, тогаш секако ќе трагаме за да видиме за што станува збор и ќе го лоцираме виновникот. Ако на крајот се сведе на некаква интерна грешка, ќе се открие чија е таа грешка и како настанала, па секако тој ќе си ја носи одговорноста“, вети Данев.
Во моментов, датабазата ја имаат само оние кому им била препратена. Данев осигура дека на факултетот веќе никој не располага со неа. Ова, пак, го покренува прашањето колку системите на факултетите се безбедни. Според деканот на Машинскиот факултет, тие се безбедни, но проблемите ги лоцира во недостигот на кадар.
„Ние во принцип секогаш имаме недостаток на кадар, и тоа не само на Машинскиот факултет, и не само на УКИМ, претпоставувам секаде во државата. Луѓето се едуцираат, има кадар, меѓутоа има проблеми со вработување и се потпираме на компјутерските системи, односно информатичката техника и технологија на која што, генерално, и веруваме. Претпоставувам дека системите се безбедни, но познато е она дека она што човек го измислил, каков било вид на заштита, човек може и да го пробие“, вели Данев, нагласувајќи дека апсолутна заштита не постои.
Тој смета дека луѓето веќе научиле колку може да веруваат во одреден систем и какви податоци да остават. Но, потенцираше дека овој процес е сепак доброволен, односно никој не ги присилува корисниците да дадат одредена информација.
Данев соопшти дека и понатаму ќе постои сличен систем кој ќе прибира податоци, налик на iKnow системот, каде што студентите се пријавуваат и се води евиденција за положени испити. Но, како што посочи, при креирање на една таква база треба да има доволно добра енкрипција и заштита. Дотогаш, на студентите им останува добро да внимаваат при правењето на лозинките.
„Студентите да ги почитуваат правилата објавени од ДЗЛП. Мислам дека тоа многу ќе помогне за нивната безбедност и заштитата на нивните лични податоци. Честата промена на лозиките и креирањето на комплицирани лозинки е нешто што помага. Не можам да кажам тогаш колку, бидејќи ако некој баш сака да ја пробие, веројатно постои начин тоа да се случи“, рече деканот.
Настрана случајот со протечените податоци, на УКИМ во моментов се водат и други битки. Ректорската управа усвои предлог модел за студентско организирање, со кој Студентскиот парламент на Универзитетот „Кирил и Методиј“ (СПУКМ) останува невладина организација, но под засилен надзор на универзитетските тела. Овој предлог наиде на противење од страна на Студентскиот пленум, а поддршка од СПУКМ. Сега наставно-научните совети се на ред да решат дали го прифаќаат, по што предлогот оди пред Сенатот. Иако неколку факултети претходно го отфрлија, Машинскиот го прифати, информира Данев.
„Универзитетот бара можност да има поактивно вклучување на студентите, односно да им се дадат повеќе права и одговорности при нивното учество во телата и органите на универзитетот, и секако, поединечно на единиците кои се во склоп на универзитетот. Ние заседававме на седница на Научниот совет и ставот е дека сите форми, сите обиди да се направи некаков подобар пат за застапеност на студентите и нивните мислења во одлучувањето во телата и органите на единицата, го поддржуваме“, рече тој.
Според него, треба да се обезбедат сите услови за тие непречено да функционираат. Вели дека тие секогаш ќе стојат на страната на барањата на студентите. Но, прашан на кои студенти мисли, дали на тие кои се спротивставуваат на овој модел, или пак, на досега критикуваниот СПУКМ, тој одговори:
„Мислам на сите наши студенти, и на УКИМ, и на студентите на Машински. Не е само Студентскиот парламент организација на којашто ние и даваме отворена врата и зелено светло да комуницира со нас и да функционира. Сите форми на студентско организирање, каде што гледаме некаква можност за подобри услови на студентите, дали за едукација, учество во натпревари или пак, во носење на било какви одлуки, ние сме отворени за таа работа и ја поддржуваме целосно. Затоа што, во крајна линија ние функционираме затоа што ги имаме студентите“.
Во однос на квалитетот на наставните програми кои тие ги нудат, Данев вели дека периодов истекува акредитацијата на досегашните студентски програми кои ги имале и чекаат одобрување од Одборот за акредитација за новите. Доколку бидат одобрени, на нив студентите ќе може да се запишуваат од 2017 година.
Тој вели дека новите програми се зајакнати и унапредени според потребите на индустријата и стопанството, а воедно ќе им олесни на студентите кои учествуваат во некоја од Еразмус + размените.
„Постои член во Законот за високо образование којшто наведува дека сите студиски програми што ги има на еден факултет, би требало да бидат усогласени со прворангираните 50 универзитети на Шангајскта листа, во 80 посто од студиските програми. Тој член е одложен за две години и ќе почне да се применува од 2019 година, ако се уште остане овој закон да важи. Иако е одложена таа примена на тој член, ние при креирањето на новите студиски програми ги задолживме сите професори коишто имаат свои предмети да се споредат со тие предмети. Тоа е направено од страна на сите професори“, рече Данев.
Но, честите измени на Законот за високо образование претставува сериозна кочница при планирањето на наставните програми.
„Искрено, мое лично мислење е дека треба да се седне и да се направи нов Закон за високо образование каде што ќе се имплементираат нови работи, и со тој нов закон ќе се олесни работата на единиците на универзитетот и секако ќе биде придобивка за начинот на студирање за студентите. Честите измени, создаваат проблеми во функционирањето“, подвлече Данев.
Емилија Петреска