„Иднината е во младите, а ние младите кажуваме НЕ за Тиранската платформа. Сите студенти заедно да си ја зачуваме унитарноста на нашата татковина“ – вака гласи повикот за приклучување на младите во протестите со кои веќе два дена граѓани бараат од политичките партии да нема промени во Уставот и промена на името.
За зборно место на студентите е наведен студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, од 16 часот.
Според информациите оставени на нивната официјална ФБ страница, „Студентите за Македонија“ е „студентска иницијатива што се залага за унитарна и суверена Македонија, која е против Тиранската платформа“. Нивната страница е креирана на 27 февруари, по првиот одржан протест.
Тие во својот ФБ настан не споменуваат дали ќе маршираат заедно со иницијативата „За заедничка Македонија“, или пак, самостојно ќе протестираат.