Џез-музичарот Владимир Василевски-Четкар во петок, 3 март, ќе настапи на џез-фестивалот „Џава“ во Џакарта, кој е меѓу најпознатите музички фестивали во светот и најголем џез-фестивал во јужната хемисфера.
Настапот е во рамки на неговата азиска турнеја која се одржува со поддршка од Министерството за култура. Четкар ќе настапи на една од главните сцени, а ќе биде придружуван од македонски, американски и од тајландски музичари, од Филип Стевановски на тромбон, Коди Роландс на труба, Борислав Веселинов на тенор саксофон, Супакит Фоганакит на клавијатури, Ѓоле Максимовски на бас и Виктор Филиповски на тапани.
На овој реномиран џез-фестивал редовно настапуваат најголемите џез, поп, фанк и соул музичари, како: Стинг, Џорџ Бенсон, Стиви Вондер, Херби Хенкок, Џон Леџенд, Шака Кан, Џејми Кулум, Пети Оустин, Карлос Сантана, Ентони Брекстон, Кул енд д Генг, Чик Кореа, Инкогнито, Мецофорте, Ли Ритенор, Ди Ди Бриџвотер…
По концертниот настап во Индонезија, Четкар ќе ја продолжи турнејата во Тајланд каде ќе одржи два концерта – на 12 март во познатиот џез-клуб „Џез Суши“ во Бангкок и на 18 март на музичкиот фестивал Патаја.