Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека нивото на Охридското езеро е шест сантиметри над дозволениот минимим.
Според УХМР, водостоите на реките се под просекот за март. Водостојот на Вардар е најнизок на мерното место кај Демир Капија и е 60 сантиметри понизок од вообичаениот за март, додека понизок водостој од 23 до 29 сантиметри од вообичаениот има и на останатите мерни места на Вардар.
Кај останатите реки кај кои се мери водостојот е евидентирана слична состојба, а најголемо отстапување од просекот има Црна Река на мерното место Новаци, каде водостојот е понизок за еден метар и седум сантиметри од вообичаениот.
Инаку, на крајот на јануари нивото на Охридското Езеро беше минус 11 сантиметри под дозволента кота која изнесува 693,10. Дозволениот максимален минимум е 693,07 или -7 сантиметри од најниската кота, што значеше дека тогаш дури за 4 сантиметри нивото беше пониско од минимумот. Еколозите периодов на неколку пати предупредуваа на штетните последици од нискиот водостој на Охридското Езеро.
„При нормален водостој поголемиот дел од овие карпи се под вода. За жал ова сега е крајно алармантно, хидроцентралите драстично ја намалија количината вода и никој надлежен не се одважува да го спречи ова што на од Бога создаденава убавина му го чинат. В долж крајбрежјето се забележуваат и траги од нафта, колку само заборавивме луѓе да бидеме да ништееме ли ништееме аздисани од материјалната заслепа и алчност. Ако продолжиме со ова темпо, плод на несвесноста и несовесноста наша, колапсот е неизбежен“, рече Климент Арнаудов од Охрид SOS пред еден месец.