Светскиот конгрес за мобилни, саемот на најновата и најиновативна технологија на планетата, се случува во Барселона неделава. Телефоните, технологијата која се носи, и сѐшто има микрочип во него ги прикажува своите нови алатки. Но, она во што сите се чини дека се заинтересирани е преработката на телефон од пред 17 години, Нокиа 3310.
Има неколку начини да се гледа на Нокиа 3310. Можеби е маркетиншки трик, или римејк во холивудски стил, бидејќи на индустријата ѝ снемало идеи. Или пак, можеби е обид да се долови чувството дека модерниот живот е толку поврзан, па се враќаме на поедноставно време. Но, што и да мислите дека е Нокиа 3310, кажува нешто интересно за состојбата на индустријата на паметни телефони во 2017 година.
„Тоа е голем показател за состојбата на пазарот на паметни телефони, што светот е толку возбуден и опседнат за ретро телефон кој излезе пред 17 години“, вели Бен Вуд, шеф на истражувања во ЦЦС Инсајт.
И, во право е. Лансиран сред она што треба да биде највозбудливиот саем на технологија на планетата, ткн. „глупав телефон“, е она за што сите се заинтересирани. А, вистината е дека новиот Нокиа 3310 не е ништо посебно. „Глупавите“ телефони на Нокиа се прават веќе со години – за пример земете го Нокиа 105, кој го правеа три различни компании. Прво, Нокиа, потоа Мајкрософт кога ги откупи телефоните на Нокиа, и сега ХМД Глобал, фирмата лиценцирана за производство на моделите на Нокиа.
Доколку ХМД го продаваше она што сега го знаеме како новата Нокиа 3310 како нова Нокиа 230, дали некој ќе обратеше внимание? Но, со вистинското име и број на модел, ХМД повторно разбуди класик кој го возбуди светот.
Па, зошто „носталгично патување“ како 3310 го привлече сето внимание, кога Сони лансираше телефон со 4K HDR екран, Г6 на ЛГ има повеќе екрани истовремено, П10 на Хуавеи има двојна камера, а има и ново Блекбери со тастатура?
Веројатно затоа што паметните телефони сега се досадни. Не е затоа што тие не се неверојатни машини кои станаа центар на нашите животи, туку бидејќи има се во нив. Еден паметен телефон е ист како и претходниот. Има камера, екран, може да се пушта музика, има апликации и игри, имате интернет на дофат на раката и е уред низ кој минува целиот ваш живот. Но, доколку го расипете и купите нов, ќе прави нешто повеќе или идентично истото, можеби со неколку нови бои.
Не само што производителите на паметни телефони се мачат да бидат различни од моделите на конкурентите, туку и секој нов модел на Сони, Епл, Хуабеи или Самсунг изгледа речиси исто како претходниот.
Франсиско Џеронимо, директор на истражувања за европските мобилни уреди во компанијата за истражувања ИРЦ, вели: „Дојдовме до точката кога подобрувањето на телефони преку создавање на еден мегапиксел повеќе во камерата или зголемување на екранот е многу потешко отколку што беше пред пет години“.
Големите исчекори во технолошкиот напредок се претежно зад нас. Има многу малку нешта кои може да ги додадеме во паметен телефон, а кои веќе не ги прави.
Џеронимо објаснува: „Имаме таков квалитет во уредите, што почнавме да удираме во физичките лимити, што значи дека иновацијата ќе оди напред само во софтверот, гласовните команди или интеракцијата со телефонот и неговите услуги, за телефоните да станат попаметни отколку што се денес“.
Единствениот напредок кој може да се случи оваа година, е „светиот грал“ на дизајнот – телефон кој е само екран. Гардијан пишува дека Самсунг Галакси С8 ќе биде првиот ваков телефон, на кој нема да има ниту едно копче.
Во меѓувреме, Амазон, Гугл и многу други, работат на гласовните команди. Но, гласовните асистенти во нивните најнапредни форми, се помалку од алатка на паметен телефон, а повеќе технологија создадена благодарение на паметните телефони.
Семјуел Гибс, заменик уредник на рубриката за технологија на Гардијан