По една од најдолгите судски битки во земјата, реката Фангануи на Северниот остров на Нов Зеланд, ќе биде третирана како човечко суштество во очите на законот.
Група од маорскиот народот познат и како Фангануи Иви со децении се борат нивниот однос со реката да биде признаен со закон.
Предлог-законот за признавање на реката, познат како Те Ава Тупуа, беше усвоен во средата, така што сега реката ќе ги има сите права, должности и обврски на едно правно лице. Таа може да биде претставена во судот.
„Знам дека на прв поглед, на некои луѓе им е прилично чудно што се даде правен карактер на природен ресурс”, изјави министерот за преговори на Нов Зеланд, Крис Финлајсон.
„Но, не е почудно од семејните фондови или компаниите, или инкорпорираните општества”.
Третата по големина река во земјата, ќе биде претставувана од еден член на Фангануи Иви и еден член на владата на Нов Зеланд.
„Тоа одговара на законот на Иви за реката Фангануи, која одамна е признат како Те Ава Тупуа преку своите традиции, обичаи и практика”, рече Финлајсон во соопштението.
„Ова законодавство ја препознава длабоката духовна врска меѓу предците на Фангануи Иви и нивната река, и создава силна платформа за иднината на реката Фангануи.”
Како дел од договорот, обезбеден е финансиски надомест од 56 милиони долари, а 21 милиони долари ќе бидат ставени во фондот за здравје и благосостојба.