Научниците ја открија првата флуоресцентна жаба во светот, случајно, во Јужна Америка. Истражувачите на природно-научниот музеј „Бернардино Ривадавиа“ во Буенос Аирес наишле на откритието додека испитувале водоземци во сливот на реката Амазон во Аргентина. Под ултравиолетово светло, жабата зрачела во сина и зелена боја.
„Флуоресцентноста, или способност да се апсорбира светлина на кратки бранови должини и повторно да се емитуваат на подолги бранови должини повеќе се јавува кај океански суштества, но многу ретко на земјените. Само некои скорпии и папагали се знае дека ја поседуваат оваа карактеристика, така што ова е првиот воопшто флуоресцентен водоземец што сме го откриле“, велат научниците кои беа дел од истражувањето.
Тие не знаат точно зошто животните се флуоресцентни, но претпоставуваат дека тоа би можело да биде дел од нивната меѓусебна комуникација, при привлекување на партнери, или за да се скријат.
Научниците првично мислеле дека жабата може да зрачи слаба црвена боја бидејќи го содржи пигментот билвердин, кој на некои инсекти им дава флуоресцентен отсјај. Но, кога истражувачите ја ставиле под УВ ламба жабата што ја нашле во Санта Фе, биле воодушевени од сино-зелениот отсјај на жабата.
Истражувачите се надеваат дека ова откритие ќе ги поттикне нивните колеги да продолжат да го истражуваат овој феномен.
Ко-авторот на студијата, Џулијан Фaјвовиќ, изјави: „Навистина се надевам дека другите колеги ќе бидат заинтересирани за овој феномен, и дека ќе започнат да носат УВ светилки на терен“.
Тој планира да бара флуоресцентност и кај 250 други видови на жаби кои живеат на дрвјата.