„Почитувани, нападот врз човековите слободи и права е најсилниот удар врз едно цивилизирано демократско општество. Сега е ред на таквото општество да возврати“.
Овие зборови на обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО одекнаа низ јавноста кога беше презентирана истрагата „Таргет“. Преку овој случај се сомничат 10 лица oд Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) за незаконско следење на најмалку 5.800 телефонски броеви. Претпоставките се дека во периодот од 2008-2015 вкупно биле прислушувани над 20.000 граѓани.
Сега, две години по првата опозициска „бомба“, откако и извештајот на Прибе го посочи УБК за злоупотреба за механизмите за надзор, а притоа ги избриша наводите за „странски служби и жолти комбиња“, новинарката Мери Јордановска од БИРН Македонија се присетува кога беа пуштени прислушуваните снимки, а медиумски работници и активисти добија папки со разговори. Притоа, Јордановска смета дека е комплетно расчистено прашањето за тоа „кој прислушувал“.
„Кога прв пат се обзнани дека и новинари биле прислушувани, иако цело време се сомневавме, за мене беше шок, затоа што ми се навраќаат разговори, животни ситуации, професионални разговори со луѓе кои сум ги водела по телефон, потоа и приватни разговори, разговори кои требале да останат меѓу нас… За прв пат се чувствував како да ми е нарушено најелементарното човеково право – на приватност, на можност да си ја извршувам својота работа професионално и независно.
За тоа кој прислушувал, уште од старт немав дилеми, бидејќи не верував во жолти комбиња и странски служби. Не ја ни гледав поентата зошто некој странски служби да сакале да ги знаат разговорите на новинари, или на бизнисмени… Па дури и да било така, управата на УВК дозволила странски служби со години да снимаат во Македонија, без да најдат кој тоа го вршел?! Со самото тоа, кој прислушувал мислам дека одамна се расчисти, останува само судски да се докаже“, вели Јордановска за Радио МОФ.
Според истражувачката новинарка, јасно е како сето прислушувањето се вртело со години, како круг базиран на недоверба и параноја од врвот на власта.
„Кога некој 10 години ја држи власта во Македонија и сака да има под контрола сè, сето тоа почнува од ‘Ајде да видиме првин да ги следиме оние за кои има судски налози. Потоа, да видиме што ќе пишуваат медиумите. Ајде сега да ставиме и некои новинари на набљудување. Чекај сега да видиме на невладините организации, ајде и црквата…’. Па, потоа се губи и довербата и во оние кои се околу тебе, па дури и во кругот на семејството. ‘Чекај некој нешто да не крие… да не шпионира?!’. Па, така се шпионираат сите. Така тој круг се зголемува и зголемува, па се живее во некоја параноја дека ‘некој нешто работи зад грб’. Тоа само алудира на тоа дека власта сакала да има под контрола сè – и бизнисот, и медиумите, невладините организации, црквата, и амбасадорите и сите луѓе околу нив да ги стави во закрила случајно некој да не направи нешто што нив не им одговара“, вели Јордановска.
И Сашка Цветковска од НоваТВ беше една од таргетираните новинари. За прислушувањето смета дека се работи за чисти бизнис фамилијарни интереси, со злоупотреба на институциите, а најмалку за државни интереси.
Според Цветковска, злоупотребата во Македонија ниту во најмала рака не може да биде споредена ниту со злоупотребите во САД, или тоа што Едвард Сноуден го обелодени.
„Таму властите ги шпионираа сите свои граѓани, но тоа сепак беа политики на државата, која под пластот од страв од терорирам ги следеше граѓаните. Во Македонија не е ни тоа, ме разбирате? Во Македонија се таргетираа критичарите на власта, само за да можат мала група на клептомани во Владата, семејно и роднински поврзани, да можат да профитираат од државниот буџет. И тоа се случуваше сите овие години, и тие правеа сè за да опстанат во институциите и да ги злоупотребуваат за своите лични интереси“, вели Цветковска.
Бојан Маричиќ од „Евротинк“ смета дека ова е прислушување од невидени размери, особено за држави како Македонија и за тлото на Европа. Обемот и важноста на оваа афера ја отвори потребата за формирањето на СЈО, кое, додава тој, ужива голема јавна поддршка и има задача докрај да ги истражи условите во кои се создадени овие разговори – кој прислушувал, кој наредувал и кој учествувал во тоа.
„Допрва Македонија ќе треба да се соочи со последиците од оваа афера и да им објасни на сопствените граѓани зошто биле прислушувани, дали тоа било законски покриено, и доколку не, како ќе ги обештети за нарушување на нивната приватност и нивните слободи и права“, потенцира Маричиќ за Радио МОФ.
Со оглед дека во тековната истрага се опфатени повеќе личности, јавноста се надева дека со реформирано судство во догледна иднина би имало разврска за овој случај. Истовремено, новинарката Цветковска потврдува дека новинарите имаат една заедничка тужба.
Исходот од тој случај, вели таа, паралелно ќе влијае и со исходот од истрагите на СЈО.
„Вистинското прашање не е дали ние како жртви на прислушувањето ќе добиеме морална сатисфакција со пресуда во македонските судови, туку вистинското прашање е како ние и други граѓани и понатаму да не бидат жртви на прислушуваните материјали, ако се знае дека не е мала групата на луѓе кои располагаат со овие снимки. Снимките ги правеле моќна група на луѓе, припадници на владејачката партија, и наивно е да веруваме дека тие немаат снимки. Потоа, снимките ги имаше лидерот на опозицијата кој претендира да биде премиер, снимките ги имаат СЈО, и снимките ги имаат и некои опскурни ликови од македонското полу-јавно живеење, од македонското подземје, кои јавно објавуваат снимки, уценуваат и притискаат луѓе со тие снимки. И за тој проблем сите се однесуваат како да е неважен. Прашањето е како понатаму ќе ја спречиме злоупотребата, која таа се уште трае? Ние имаме процес за злоупотреба од прислушуваните материјали за кои никој не е загрижен“, констатира истражувачката новинарка Цветковска.
*Темата првично беше објавена во петата епизода од радио-емисијата „Мегафон“
Бојан Шашевски