Клиника во Англија доби лиценца за вештачко оплодување од тројца родители

Истражувачи добија дозвола да спроведуваат нова техника на оплодување со три родители, која спречува децата да ги наследат смртоносните генетски болести кои родителите можат да им ги пренесат.

Првите бебиња кои ќе се родат со овој третман за плодност легално во Англија се очекуваат оваа година, после историската одлука на Организацијата за човечко оплодување и ембриологија (HFEA).

 

Регулаторната агенција ја одобри првата фаза од лиценца во два чекори за научниците од Универзитетот на Њукасл, кој ќе биде првиот лиценциран институт кој ќе ја спроведува терапијата со замена на митохондрии.

„Оваа значајна одлука претставува кулминација на многу години тешка работа на истражувачи, клинички експерти и регулатори, кои колективно го поплочија патот за британскиот парламент да го промени законот во 2015 и да дозволи користење на ваква техника“, вели Сели Чешир, директорка на HFEA.

Следниот чекор во процесот на лиценцирање ќе биде да се одлучи за аплицирањето за индивидуални пациенти.

„Пациентите сега ќе можат да аплицираат индивидуално за да поминат низ третман на донација на митохондрии, во Њукасл, што ним ќе им го промени животот, бидејќи сакаат да избегнат да пренесат сериозни генетски заболувања на идните генерации“, додава Чешир.

Инаку, првото бебе од три родители се роди во 2016 година, а неговото раѓање и успешниот третман со донација на митохондрии беа објавени шест месеци откако се роди.

Откако две деца на семејството починале од ретка болест, а мајката имала и четири спонтани абортуси, брачниот пар доби кое генетски има три родители.

Третманот беше спроведен од д-р Џон Женг, репродуктивен ендокринолог во New Hope центарот за плодност во Њујорк. Женг ги советувал да волонтираат за операцијата која доби огромно медиумско внимание минатата година, откако британските законодавци беа први кои го одобрија зафатот. Операцијата е се уште забранета во САД, што довело до тоа Женг и неговиот тим да ја извршат во Мексико, каде нема закони кои ја забрануваат.