Детската креативна работилница „Креативна сложувалка“ во сабота од 12 до 13:30 часот со малите креативци ќе изработуваат маски за првоапролскиот маскенбал.
Од „Креативна сложувалка“ потсетуваат дека во тек се новите уписи за креативната работилница во соработка со колективот „Ветерница“.
Се работи за ликовна креативна работилница за деца на возраст од 5 до 10 години која има за цел преку игра и забава да го поттикне креативниот развој и фантазијата кај децата и да ги воведе во светот на уметноста. Да се охрабрат да го изразат внатрешниот свет и емоциите, да ја засакаат уметноста набљудувајќи ја преку нова призма и да го пронајдат сопствениот начин на изразување, развивајќи ја нивната самодоверба и креативна способност.
„Идејата е да се приближи уметноста не само до талентираните дечиња, туку и до сите оние кои имаат желба да научат како да создаваат оригинални творби. Се работи во групи и индивидуално, при што работата е прилагодена на возраста и личноста на секое дете“, велат од „Креативна сложувалка“.
Инаку, курсот што го организираат е мултимедијален и овозможува спектар на различни, ликовни, применети и дизајнерски активности. Децата ќе учат како да ги комбинираат различните техники и материјали преку слика, цртеж или скулптура и сами да изработуваат играчки и ликови од нивните омилени бајки, колажи, мозаици, маски, костими, сценографија, бродчиња, накит, превозни средства, музички инструменти и други забавни предмети кои ќе станат убав поклон за најдрагите или декорација за нивната соба.
„Ние ја славиме креативноста на децата со организирање на изложби, забави и презентации“, соопштуваат од „Креативна сложувалка“.