Децениската борба против загадувањето на реките во Индија доби значителен напредок.
Вчера, судот на хималајската држава Утаранчал пресуди дека реките Јамуна и Ганг се „живи суштества“.
Судот ја образложи својата одлука врз основа на тоа дека реките „го губат своето постоење” и ситуацијата барала „вонредни мерки што треба да се преземат за да се зачуваат и заштитат реките Ганг и Јамуна,” со користење на алтернативно име за реката Ганг.
Според одлуката, двете реки, кои инаку се сметаат за свети во хиндуизмот и се олицетворение на божици, се важни за физичкото и спиритуалното одржување на локалното население.
Суреш Кумар Рохила, експерт за урбан менаџмент на водата во индиската невладина организација „Центар за наука и животна средина“, рече дека се уште е нејасно како судската одлука ќе се спроведе во пракса.
„Секој напор да се зајакне квалитетот на водата (на Ганг) е добредојден“, рече тој. „Напорите на ниво на политики претходно не вродија резултати.”
Овој потег доаѓа една недела откако реката Вангануи во Нов Зеланд стана првата река во светот што ги доби истите права како човекот.
Маорите цел век бараа државата да ја признае нивната врска со реката.
Според одлуката во Индија, тројца државни службеници се „легални чувари“ на реките.
Но, Рохила предупреди дека ова нема да биде едноставно.
„На крајот, судовите не можат да ги исчистат реките”, рече тој, додавајќи дека луѓето и владата треба да преземат заедничка одговорност за заштита на водите.