Можев под заклетва да сведочам дека цело време каблите и звучниците ми мирисаа на изгорено, додека Swans свиреа синоќа.
Вчера вечер појдов без некои особени очекувања – сум ги слушала, но не посветено. Навидум, делуваше како не толку посебен експериментален, new wave бенд. И така и звучат студиските снимки. Но, во живо… Во живо Мајкл Гира и неговиот бенд создаваат музика, безвременска и беспросторна, музика која на некој начин ме промени.
Појачани до најсилно, концентрирани, хаотични, но совршено прецизни, Swans се музичко доживување за кое не бев подготвена и се уште сум под силни импресии. Како за некој кој е сосема непродуховен, нивната музика, речиси ритуална и паганска, ми овозможи некоја состојба на „зен“.
Иако имаше стотици луѓе околу мене, во МКЦ Денсинг салата се чувствував сосема сама. Ги затвораш очите, ги „наоструваш“ ушите, и музиката те води во некоја друга состојба, време и место.
Фронтменот особено ме фасцинираше со својата апсолутна контрола над секој звук кој сите го произведуваат. Гира делуваше толку отсутно на сцената, а всушност секоја нота, секој стих беше предвиден и одобрен само од него.
Не би било вистина, ако не спомнам дека „звучното капење“ на Swans не е за секого, туку само за оние кои немаат проблем од вистински гласна музика, од која целото тело вибрира. На оние кои сакаат „лабава“ музика, музика која ќе ги релаксира и која ќе ја заборават заедно со впечатоците, веднаш откако ќе заврши концертот, американскиот бенд е преголем залак. Впрочем, мене ушите се уште ми се затнати, но се чувствувам некако ослободено и полесно од минатата вечер.
Мора да ако не ја споменам Little Annie, гостинка на концертот, која за кратко успеа да ме маѓепса со својата музика. Сензуална, тивка – како некоја невообичаена мешавина на Нина Симон и Били Холидеј, а со интензивен и речиси непријатен поглед, пејачката создаде некое чудно расположение кај присутните. Сосема сметам дека заслужува да одржи свој концерт, а не само да биде предгрупа на Swans. Јас со задоволство би го посетила.
Стефанија Тенекеџиева