„По пешачката патека покрај Вардар не може да се движат слепи лица“, „Коли паркирани на место за пристап до рампа“, „Непристапно детско игралиште, плус паркирани коли пред влез“… Ова се најчестите пријави што граѓаните ги оставиле во новата апликација „За детство без бариери”, која им овозможува на корисниците на Ајфон или Андроид да се вклучат во мапирање на пречките со кои се соочуваат децата и возрасните со хендикеп.
Мобилната апликација е дел од кампањата на УНИЦЕФ „За детство без бариери”, финансирана од Европската унија.
Таа е едноставна за користење. Се одбира локацијата што сакате да ја одбележете како негативен или позитивен пример и при тоа, можете да споделите и фотографија од локацијата заедно со ваша забелешка.
Засега, повеќето од пријавите се однесуваат за Скопје, но апликацијата дозволува граѓаните да споделуваат информации и за другите градови.
„Никаква достапност на лицата со хендикеп, во едно од најголемите училишта во Македонија – „Блаже Конески“ во Велес“, се вели во една од пријавите.
Иако е активна помалку од еден месец, апликацијата има добра оценка на интернет продавниците, а веќе од 500-1000 корисници ја инсталирале на своите мобилни телефони.
„Дали некогаш сте се почувствувале исклучени? Децата и возрасните лица кои имаат потешкотија да гледаат, да научат, да пешачат или да слушаат, често се чувствуваат исклучени. Многу бариери може да ги спречат да учествуваат на ист начин како и другите. Повеќето од овие бариери се наметнати од општеството. Дете во инвалидска количка, на пример, можеби исто така сака да оди на училиште. Но, тој, или таа, не е во можност да го стори тоа, бидејќи училиштето нема рампа, а директорот, односно наставниците, не даваат поддршка. За да бидат вклучени сите, ние треба да ги промениме постоечките правила, ставови, па дури и згради, пешачки патеки, улични премини и игралишта“, стои во описот на апликацијата.
За корисниците на Андроид мобилни уреди, апликацијата е достапна на следниот линк , додека за корисниците на Ајфон овде.