• Стави си ѕвонче за да ѕвониш кога сакаш да бидеш чуен.
• Стави си предно бело и задно црвено светло за да бидеш виден од напред и од назад од други велосипедисти, возачи и по некој пешак.
• Стави си катадиоптри на тркалата за да им одблеснува на колите од страна.
• Стави си исправни сопирачки за да закочуваш на време.
За свој мерак и зголемување на корисната употреба на точакот, стави си и:
• Багажник назад, корпа напред за превоз на ствари
• Калници кои ќе те штитат од прскање од скопските вирови
• Потпирач на кој ќе го потпреш кога ќе запреш некаде без да мораш да бараш ограда, бандера и слично
• Набави си и лентичка со која ќе спречиш широките пантолони да отидат во синџирот или користи штипка ко правите господа ;)
• Дождовен мантил или водоотпорна облека со која ни дождот веќе нема да е пречка за да бидеш на точак.
– Ова се само неколкуте пишани и непишани правила за возење точак кои според неформалната група „На Точак“ се добри да ги знае секој. Според нив, најголемата опасност доаѓа од непочитувањето на правилата од страна на возачите, но затоа, велосипедистите се тие кои треба да бидат добар пример. Токму затоа, новата Критична маса, 29-та по ред, ќе биде за бонтонот во сообраќајот.
Критичната маса ќе се одржи во среда, 29 март, со почеток во 17:30 часот од Плоштад Македонија. Возејќи, тие повторно ќе укажат на проблемите со коишто се соочуваат велосипедистите во Скопје.
• Знаеме дека нема доволно велосипедски патеки, но секогаш кога има – користи ги!
• Почитувај ја обележаната насока…Можеби не очекуваш да доаѓаат велосипедисти од спротива, ама ги има се повеќе и ќе им пречиш.
• Кога нема велосипедска патека вози од ДЕСНАТА страна на коловозот. Ако возиш во спротивна, возачите не те очекуваат, а можно е да се пресретнете со друг велосипедист кој си ја почитува пропишаната насока…И што да прави кога ќе се пресретнете, кој е фер да отиде накај реката возила? Се разбира тој што ја утнал насоката…
• Заѕвони им на залутаните пешаци. И за нив е нешто ново да имаме обележување на велосипедските патеки, имај трпение.
• Имај трпение и за луѓето кои чекаат автобус на велосипедска патека. Само заѕвони им, ќе се поттргнат. Не е нивна вина што некој порано дизајнирал местата на двете групи да се поклопуваат. За трајно решение на проблемот, потсетувај ги локалните власти да си ја довршат работата.
• Комуницирај, комуникацијата е суштинска кога си влегол во сообраќај. Праќај сигнали кон околината секогаш кога правиш промена во движењето.
• Пружај десна рака за вртење десно, лева рака за вртење лево. Подигни рака кога нагло застануваш.
• Кога се разминуваш со друг велосипедист, зафати ја твојата десна страна…исто како возилата, да нема несакани лево-десно-лево-десно и бам.
• Кога претекнуваш друг велосипедист што вози во иста насока прави го тоа од левата страна.