Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во 2016 година донела вкупно 85 одлуки врз основа на примени жалби. Од нив, девет е одлучено дека се неосновани, а кај другите има прекршување на Кодексот на новинарите.
Дури 87 отсто од одлуките на Комисија на СЕММ се однесувале на прекршување во однос на проверка на вистинитоста на веста, односно на фактите. Тоа, според СЕММ, зборува дека голем број новинари како никогаш да не ја научиле основната лекција, односно дека треба да објавуваат точни и проверени информации, да обезбедат „втора страна“ и што е можно повеќе или најмалку два меѓусебно неповрзани извори.
Исто така, во 71,1 отсто од жалбите е нарушен членот 13 од Кодексот, кој вели дека новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.