Основана граѓанска Коалиција за чист воздух која ќе се бори 365 денови против загадувањето

Потребата да се дејствува и реагира континуирано, 365 денови во годината, а не само зимно време кога ќе „запече“ на нос и очи, е појдновната иницијатива за основањето на новата О2 – Коалиција за чист воздух.

Коалицијата е основана од 18 граѓани, од луѓе од разни еколошки иницијативи, активисти, луѓе кои со години се занимаваат со проблематики од животна средина, луѓе кои сакаат да помогнат, луѓе на кои „им е преку глава“ дојдено да гледаат како отровниот воздух се повеќе ги труе урбаните средини во земјата и се свесни дека загадувањето нема да изчезне само по себе.

Се работи за неформална хоризонтално поставена Коалиција на граѓани, без утврдено седиште, но со идеја да одржува Регистар на членови на доброволна основа, со свои цели, задачи, принципи и мисија.

„Нашата мисија е преку сите форми на граѓански активизам да обезбедиме чист воздух во согласност со домашни и меѓународни стандарди на целата територија на Република Македонија во текот на сите 365 дена во годината“, велат од Коалицијата преку својата нова Фејсбук-страница.

Идејата е градење на свесност за штетноста од загадениот воздух, притисок врз институциите за заштита од загадувањето и усогласување на институционалните активности со домашното и меѓународното законодавство, како и со добрите практики. Исто така, активно анимирање на граѓаните да ги искористат сите форми на граѓански активизам, развој на здрави животни навики, понуда на алтернативни решенија и идејни проекти за чист воздух, спроведување кампањи, организација на дебати и работилници, но и спроведување инфраструктурни и/или други видови на проекти самостојно или во соработка со организации и институции.

„Аерозагадувањето е сериозен проблем на секоја земја кој не само што сериозно го нарушува здравјето на граѓаните, туку и ’удира’ по економијата. Истражувањата на Светската Здравствена Организација за 2012 година, покажаа дека аерозагадувањето во Македонија е причинител на повеќе од 2.836 смртни случаи годишно. Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во 2013 пак, смртта на 3360 лица ја препишува на изложеноста на ПМ 2.5 честици. Според Светската банка, загадувањето ја чини македонската економија 253 милиони евра годишно, што е 3,2% од бруто-домашниот производ. Според податоци на Светската здравствена организација (СЗО), Македонија има три градови на листата топ десет најзагадени градови со штетните PM2,5 честички во Европа (без Турција)“, велат од Коалицијата.

Потенцираат дека на прво место на листата е Тетово, Скопје е на трето, а Битола на деветто место. Доколку се направи споредба со земјите во регионот, велат тие, Македонија има далеку повисок годишен просек на PM2,5 честички од останатите земји од поранешна Југославија. На пример, главниот град на Словенија, Љубљана, има годишен просек на PM2,5 честички од 20 mg/m3, што е 2,5 пати помалку од Скопје.

„СЗО предупредува дека загадениот воздух е еден од главните ризици по здравјето на граѓаните кој предизвикува мозочен удар, срцеви заболувања, рак на белите дробови, како и хронични и акутни респираторни заболувања, вклучително и астма. Со оглед на катастрофалната ситуација со воздухот во Македонија, О2 коалицијата предупредува, дека доколку не се премине на итно решавање на сегментите кои го создаваат овој проблем, паравестите како онаа подолу, наскоро ќе станат вистинити“, соопштуваат од Коалицијата.

Што бараат? Ви ги пренесуваме сите барања и заложби на О2 Коалицијата, од збор до збор:

„Темелно и ефикасно решена правна рамка поврзана со воздухот.

Приоритети:

Неодложна измена на праг на известување и алармирање на ПМ10 согласно препораките на СЗО, ЕЕА и Државниот завод за ревизија на РМ (“Ефикасноста на мерките за обезбедување на квалитетот на воздухот во Република Македонија” од 13.05.2015 до Министерството за животна средина и просторно планирање) по европски примери и да гласат:

Праг на информирање за ПМ10 : два последователни дена со
среднодневна вредност поголемаод 50 μg/m3

Праг на алармирање за ПМ10 : два последователни дена со
среднодневна вредност поголемаод 70 μg/m3

Пакет мерки изготвени од интерсекторски групи и експерти од соодветните области, а кои ќе се стремат кон максимално намалување на сите извори на загадување и кои ќе мораат безусловно да бидат преземани во услови на надминување на прагот на алармирање во дадена агломерација.
Во спортоивно да подлежат на секаков вид одговорност лицата-носители на функции (раководители на институции) задолжени за нивно спроведување.

– Итно започнување со ремедијација на приоритетните еколошки жаришта на целата територија на Р.Македонија, а со особен акцент на ХЦХ изомерите (Линдан) во околината на Охис и н.Драчево, шестовалентниот хром кај Годел (поранешна депонија Вардариште), Јаловините на Рек Битола, МХК Топилница Велес, Макстил Скопје… Вкупно се регистрирани 16 индустриски контаминирани лоаклитети (жешки точки – историски жаришта) во Макединија.
Јавноста постојано да биде запознаена со текот на овој процес со цел да реагира на било какви опструкции.

– Целосно и неодложно напуштање на стратегијата за користење на фосилни горива (нафта и јаглен) и изготвување на стратегија за итно префрлање на алтернативни/обновливи извори со кои учеството во загадувањето на животанта средина е сведено на минимум.

Периодот кој претстои е одлучувачки за изградба на нови термоцентрални на увозен вискоко-калоричен јаглен или домашн лигнит, како и ревитализирање на постоечките термоелектрани (ТЕ Осломеј Кичево) т.е. продолжување на нивниот работен век со децении на веќе споемантите фосилни горива.
Ова е недопустливо во 21 век!
Стоп за нови термоцентрали на увозен јаглен или домашен лигнит!

– Измена на изгласаниот Закон за зеленило со цел да се даде приоритет на урбаното зеленилото. Со овој Закон треба да се гарантира дека зачувувањето и одржувањето на зеленилото ќе биде ставено во преден план, пред секаков вид неплански и непотребни градби. Бараме строго да се дефинира одговорноста за лицата кои се задолжени за негово одржување/уништување почнувајќи од највисоките инстанци, министерства, локална самоуправа итн…

– Корекции во Законот за урбанистичко и просторно планирање

– Соодветно и точно законско регулирање на надлежностите и одговорностите на институциите и/или поединците, вклучувајќи ги и инспекциските органи.

– Изготвување на правилник за квалитет на цврстите фосилни горива и нивна употреба во правниот и приватниот сектор (акцент на домаќинствата)“, соопштува Коалицијата.