Кога од правдата и од казната се исклучени политичарите, се создава атмосфера на бунт или резигнираност и пасивност. Соочувањето со една ваква ситуација и кога, уште повеќе, таа не може да се промени, создава силна колективна општествена траума. Луѓето со поттиснати општествени трауми се подложни на манипулации на психологијата на топлпата или на влијанието на харизматичните авторитети.
За утврдувањето на колективната траума, како и за мерењето на степенот на трауматизираноста на општеството, можат да се земат повеќе различни индикатори. За потребите на оваа куса анализа, ќе земеме два: корупцијата и неказнивоста на одредени политички елити.
Проблемот со корупцијата во нашата земја ескалира. Тоа го потврдуваат и референтните истражувања за коруцијата во одделни земји. Според последниот Индекс за перцецијата на корупцијата на Транспаренси Интернешнел објавен во јануари оваа годна, Република Македонија забележа историски и глобално најголем пад на оваа ранг листа. Две поенти од овој извештај заслужуваат особено внимание.
Првата поента е дека владата на Република Македонија, која повеќе години водеше политика заснована на клиентелизам и интереси, не само што ги занемаруваше сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата, туку воспостави систем на заробена држава и го оневозможи работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата. Ова создаде силно изразен систем на заштита на корумпираните, во кој наспроти правото владеат интереси на корумпираната политичка елита. Тоа е втората поента, која, всушност, е вториот индикатор за утврдување на колективната траума.
Фрапантниот пад за 24 места од претходното рангирање и недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневие кое треба да се искорени, а синџирот на корумпираност во високите ешалони на сите власти треба да се прекине, се констатира во коментарите по извештајот за перцепцијата на корупцијата во Македонија. За недопирливоста и за статусот на неказнивост на корумпираните политички елити пишува и во Извештајот за Европската Комисија за Македонија за 2016. „Обидот на претседателот на државата да аболира 56 лица за кои постои сомневање за криминал кое произлегува од објавените снимени телефонски разговори, го засили мислењето во јавноста за неказнивост и за селективна правда.“
Оваа загрижувачка појава во извештајот на Европската Комисија се толкува како израз на сериозен недостиг на политичка волја за ефикасна борба против корупцијата. Уште повеќе, за прв пат во годишните извештаи за напредокот на Република Македонија во евроинтерграциските процеси се констатира дека во земјата демократијата и владеењето на правото постојано се доведуваат во прашање посебно заради „заробената држава која го оневозможува функционирањето на демократските институции во клучните општествени области“.
Недопирливост и неказнивост се клучните зборови што ги поврзуваат овие два извештаи.
Неказнивоста на криминалот е навреда за човечкото достоинство
На неказнивоста треба да се гледа како на една од најголемите пречки за целосна имплементација на човековите права, бидејќи таквата, континуирана состојба е непочитување на човековото достоинство, на човековото чувство и потреба за правда. Еднаква за сите. Корумпираниот државен апарат, „расипаните“ институции, грабежот на парите на граѓаните, се како заразна болест која ги инфицира сите делови на општеството, вклучувајќи ги и сите негови граѓани поединечно.
Како? Така што секој граѓанин сопствениот глас на изборите го дал како свој придонес за едно демократско општество во кое владее правото подеднакво за сите. Оттаму, кога од правдата и од казната се исклучени политичарите, се создава атмосфера на бунт, а во најлош случај резигнираност и пасивност. И во двата случаја станува збор за силна колективна општествена траума. Таквата траума во првиот, во случај на граѓански отпор и бунт кон корупцијата, наоѓа излез и катарза во исходот на преземената акција. Се разбира, доколку станува збор за успешна акција која нема да биде спречена и репресирана од силите за репресија. Спротивно, доколку таквата акција е неуспешна, таа, како и во случајот на резигнацијата и пасивноста, останува колективна траума која се потиснува во потсвеста на општеството.
Потиснувањето на колективните трауми во колективното несвесно, според таткото на аналитичката психологија, Карл Густав Јунг (Carl Gustav Jung), ги прави луѓето подложни на специфични симболи и архетипови во зависност од историската ситуација во која се наоѓаат. Во таа смисла, ако го земеме архетипот „херој“, без разлика дали станува збор за митолошкиот лик Прометеј, или средновековниот лик Робин Худ, во текот на сите епохи тие ликови се подведуваат под архетипот „херој“. Во услови на потиснати општествени трауми, колективното несвесно ја извртува перцепцијата на архетиповите и граѓаните изложени на овие процеси стануваат подложни на манипулации на психологијата на толпата или на влијанието на харизматичните авторитети, „хероите“, кои најчесто се облечени во авторитарен шинел.
Патриотизмот и националниот егоизам
Колективните трауми и колективното несвесно како аспекти на етички план, можат да се препознаат во учењето на Рајнхолд Нибоер (Reinhold Niebuhr), американски теолог и философ со германско потекло. Во својата книга „Моралниот човек и неморалното општество“ од 1932 година, тој се прашува како е можно во држави како што се Германија и Русија подем да доживеат личности како што се Хитлер и Сталин. Односно, „oд каде произлегува фасцинацијата кон овие лидери кај народи кои во историјата докажале дека се способни за критичка и одговорна мисла во кризни времиња, и како се случи од граѓани да се претворат во предмети?“. Одговорот, според него, е во тоа што патриотизмот ја трансформира индивидуалната несебичност во национален егоизам. Верноста кон нацијата се претвора во саможртва со жар кој потполно го уништува критичкото мислење на индивидуите кон државата и кон оние што ја претставуваат. Во таа смисла Нибоер заклучува: „Оваа безусловна посветеност е горивото на национал-патриотизмот кој ја злоупотребува оваа моќ без никакви морални ограничувања. На тој начин несебичноста на поединецот се претвора во себичност на нацијата.“
Оваа анализана Нибоер е многу повеќе ламент, тага, за паднатиот човек, отколку теориска експликација за социјалната и политичката динамика на општествата во одредени историски околности. Затоа е особено битна, бидејќи укажува на тоа дека нееднаквоста пред правдата и неказнивоста не смеат да останат меморија во колективното несвесно на граѓаните во едно општество.
Адолфо Перез Ескивел, добитник на Нобелова награда за мир, во 1980 година вели дека сеќавањата не треба да се чуваат во минатото. Тие треба да ја осветлуваат сегашноста за да можеме да создаваме подобра иднина. „Треба да се запамети дека е невозможно да се изгради вистинска и партиципативна демократија со неказнивост“, нагласува Ескивел.
Од сето претходно изложено, произлегува дека отсуството на владеењето на правото и неказнивоста имаат свое влијание и на општествениот и на економскиот развој на општеството. Имено, кој може да биде сигурен во средина во која постојано сте соочени со фактот дека не се сите еднакви пред законот и правдата.
Зоран Бојаровски
*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.