Над Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, длабоко во заштитената Парк-шума „Водно“ на местото Рупи, од минатата година планинари и мештани алармираат за голем еколошки злостор врз скопската белодробна оаза. Уништување на заштитениот дел од шумскиот фонд е регистрирано и преку вештачење нарачано од Градот Скопје, а Радио МОФ со истражување помогнато од активисти наиде на низа контрадикторности за случајот со парцели на Водно каде како сопственици се јавуваат Томе Костадиновски, Рубинчо Зарески и Зоран Јолевски. Истовремено, овој случај дава поширока слика и за несоодветен институционален третман и одолговлекување на заштитата на најголемото вонградско зеленило во Скопје, чија улога е заштита на главниот град од загадување, порои и ерозии.
Секоја година, на 19 декември, за време на Св. Никола, повеќе мештани на Долно Водно се собираат покрај импровизираната црквичка сместена во местото Рупи. Го прославуваат празникот и разменуваат сеќавања за старите времиња, уживајќи во природата на Водно. Граѓани се грижат за местото и преку целата година, бидејќи од тука поминуваат многу луѓе, застануваат, палат свеќи. Има и чешмичка и цвеќиња.
До црквичката, може да се стигне преку патче над Институтот за белодробни заболувања – Козле. Или од патот над црквата „Св. Јован“ во Капиштец, преку улицата „Караорман“, па нагоре сè до капијата со натпис „Забранет влез“. Тука е поставено и обележје „Парк-шума Водно“. Влегувате во природа. Овој знак е до задната капија на оградениот комплекс во кој е и резиденцијата на Претседателот на РМ. На раскрсница сме меѓу старото патче кон шумата, и патека десно што носи покрај лозја до црквичката Св. Никола.
Мештаните сега укажуваат на сериозен проблем. Долот над црквичката е претворен во пат и кога врне дожд, водата се слева крај црквичката носејќи земја, кал, дрва, камења…
„Овде постоеше тесен дол. Тоа е т.н. поројна бразда, природен одвод низ кој тече вода по дождови. Цело Водно е со долови, канали и израснати дрвја за да не се поплави Скопје, за да се амортизира брзината на водата, и трајно да ги штити скопјани. Но, сега долот е комплетно уништен и со булдожер од лани е отворен пат од 3-4 метри кон парцели во шумата. Уништена е и вегетација, децениски растена, во самата шума. Шумарите реагираа, ние реагиравме, но сечата продолжува. Страшно!“, ни раскажува локален жител кој сакаше да остане анонимен.
Овде почнува локацијата за која активисти и планинари уште минатата година алармираа за голем еколошки злостор врз шумскиот фонд на Водно. Загрижени се и стравуваат дека при посилно невреме, водата би можела да стигне и до Детската клиника, или преку други долови до детско игралиште со кош. Особено што над црквичката, високо во парк-шумата Водно, по оформениот пат се расфрлани и откорнати дрва и камења. Погоре сега е поставена ограда долж големи парцели. Планинарите и рекреативците немаат пристап, туку мораат да ја кружат планината.
Несовесно пустошење на шумата Водно
Реакциите на локалното население, планинарите и активисти ги притиснаа надлежните во ЈП „Паркови и зеленило“ да нарачаат вештачење од Бирото за судски вештачења. Според документот до кој дојдовме, се констатира дека на местото Рупи се вршени градежни работи со булдожер на парцелите 434, 433 и 915. Ова е нотирано во мај-јуни 2016, токму кога се појавуваат првите јавни реакции.
Документот покажува дека се зарамнувала површина, се пробивале патишта со должина од 190, 463 и 250 метри, со што вкупно е зафатена површина од 5.864 квадрати. Притоа, биле оштетени и уништени стебла со црн бор, разни листопадни дрвја и природен подмладок од црн бор со старост над три години.
За ова вештачење, Бирото го ангажираше Кирил Крстевски, професор во пензија на Шумарскиот факултет. „Ова е кривично дело, насилие врз парк-шумата“, беа зборовите кои Крстевски ги сподели со нас кога го прашавме за случајот.
Тој напоменува дека парк-шумата е со посебна намена, не е во градот и поради тоа, не смеат да се градат објекти и да се пробиваат патишта, „особено без проект како во конкретниот случај“.
„Прават на две страни пат, едно локално патче оди од кај оградениот плац на претседателот и од црквичето. Некој му одобрил да го прави тоа насилие, незаконски му дозволил да прави пат, демек ги отвора неговите парцели за да ги обработува. Тој од шумата прави пат, а тоа е парк-шума. Ако тука уништил, треба на друго место десет пати повеќе да посади“, потенцира Крстевски.
Според него, причината за предизвиканата штета не е од јавен интерес, затоа што шумата е заштитена и како што нагласи, не може секој да прави што сака.
Дека со сечата кај месноста Рупи е оштетен буџетот на Република Македонија во износ од 853.200 денари, а против лицето Т.К. е поднесена кривична пријава под сомнение за „пустошење на шума“, ни потврдија од Министерството за внатрешни работи.
За случајот се обративме и до Јавното обвинителство, но од таму одбија да дадат подетални информации, посочувајќи дека „барањата се однесуваат на информација стекната и составена за истрага, односно кривична постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на истрагата“.
Голема оградена парцела сред парк-шума
Според информациите од Катастар и искуствата од терен, КП 915 е спорниот дол (поројна бразда, „река“) со површина од 2.203 квадрати. Имотниот лист вели – државно земјиште. Тоа според нарачаното вештачење е нелигитимно проширено и претворено во пат до долниот дел на КП 434. Оваа парцела, се води на тројца сопственици, Томе Костадиновски со Рубинчо Заревски и министерот за одбрана Зоран Јолевски, заедно со дел на Република Македонија. Дополнително и низ парцелата КП 415 (шума, државно земјиште) е пробиен пат до горниот дел на 434.
Парцелата на тројцата сопственици содржи дел кој ѝ припаѓа на Република Македонија. Токму таа сега е оградена и од двете страни. Не се знае колку точно е оградено.
Историски гледано, според Катастар, парцелата е евидентирана уште во 1937 година. Во меѓувреме, се менуваат сопственици по наследство. Со Договор за купопродажба, во 2012 Костадиновски, Зарески и Јолевски се запишани како сопственици на вкупен имот од 13.550 квадрати, а интересно е што две години подоцна, во 2014, парцелата е споена со делот на РМ од 19.000. Така, парцелата станува 32.550 квадрати. Кај Костадиновски официјално се 10.050, Зарески 1.500, а Јолевски 2.000 квадратни метри.
Министерството за одбрана ја потврди големината на земјиштето на министерот Јолевски. Оттаму тврдат дека е купено пред 15-тина години од приватни лица, и потоа пренесено на негово име во 2006 година.
„Истото е наведено во Анкентните листови на министерот Јолевски 2007 година кога стана амбасадор и 2014 кога стана министер. Тоа може да го проверите на веб-страницата на ДКСК. На земјиштето што е во сопственост на министерот не се гради никаков објект, ниту пак, се планираат градежни зафати. Нема никакво правно дејство, а врзано за наводно уништување на шума, бидејќи таква активност не постоела. Со цел заштита на сопственоста, земјиштето е делумно оградено. Впрочем тоа е случај и со другите парцели на приватно земјиште“, соопштуваат од Министерството за одбрана.
Костадиновски, пак, одби да ни одговори дали ќе се гради нешто на парцелата и кои се замислените активности таму.
Томе Костадиновски најспоменуван во документи од институции
Томе Костадиновски меѓу дел од јавноста е познат и како Томе Саламандер. Долги години ова име во медиумите се поврзува со фирмата „Конструктор“, овластена и за ПВЦ столарија „Саламандер“. Исто така, се среќава и како претставник на Сојузот на стопански комори.
Горе на Водно, Костадиновски е сопственик на околната парцела 433 (впишана во Катастар како лозје, до КП 434). За оваа парцела Костадиновски барал, а потоа и добил, известување од Општина Карпош за „расчистување“ на долот од растенија.
Според Карпош, катастарската парцела КО 915 во Долно Водно е надвор од Генералниот урбанистички план и претставува земјоделско земјиште, односно приватна парцела со лозје. Истовремено, демантираат дека имало одобрение за сеча, туку она што Костадиновски добил од нив, пред речиси три години, по барање за обезбедување на пристапна патека, е:„Известување дека Општината не може тоа да му го овозможи и, доколу е таа во државна сопственост, а тој во можност, сам да ја расчисти патеката од гранки, грмушки и нискостеблести растенија за да дојде до сопственото лозје“.
Таквото известување до Костадиновски е дадено на 30 мај 2014 година, точно една година пред последното регистрирано пустошење на шумскиот фонд.
„Според Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, поточно во член 15, пристапна патека може да биде до 1,5 метри широчина. Што се однесува до сечењето на дрвја во Парк шума Водно и правење на цел пат од 4-5 метри во мај 2016, тоа е сериозен проблем на шумската полиција и другите надлежни органи и институции одговорни за Парк-шумата Водно кои требале веднаш да реагираат, да го спречат и санкционираат. Тоа ниту е надлежност на Општина Карпош, ниту одговорност, а уште помалку дозволено со некакво одобрение од локалната власт“, рекоа од Карпош уште лани во јуни, на чиј одговор се повикуваат и денес.
Општинарите потенцираат дека одобрение за градење може да издаде само градоначалникот Стевчо Јакимовски, и тоа се документи од повисок ранг со стандардизиран образец. На сопственикот преку известувањето во 2014 му отвориле можност за расчистување на пристапна патека, независно што тој документ не носи назив „Одобрение“ или „Дозвола“. Мештаните, пак, тврдат дека таа пристапна патека никогаш не постоела, туку била дол за амортизирање порои.
Трите записници од шумар од ЈП „Паркови и зеленило“ до кои успеавме да стигнеме, покажуваат дека на Костадиновски му се регистрирани три „прекршоци за зелена површина“. Едниот е од 22 мај 2014 со пресметана штета од 849.570 денари, односно една недела пред Костадиновски да побара од Карпош дозвола за „обезбедување на пристапна патека“. Вториот записник е од 10 февруари 2016 со штета од 42.660 денари, а третиот – крајот на мај 2016, заедно со пријава до МВР (штета 319.200 денари). Последниот е всушност записник кога претпријатието се решило на вештачењето, со што штетата е накачена на 853.200. Пресметката на сите заедно, земено и вештачењето – 1.745.430 денари. Сите се однесуваат за дрвја на местото Рупи, Долно Водно.
Во меѓувреме, во 2015 година, дознаваме дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопансво (МЗШВ) на Костадиновски му издало Решение за согласност за градење објект за примарна обработка на земјоделски производи, со површина од 320,89 квадратни метри.
Сепак, ова Решение било огласено како ништовно и се поништуваат правните последици што ги произвело, откако Градот Скопје, со потпис на Коце Трајановски, на 6 јуни 2016, доставило барање за негово повлекување.
Аргументот на Градот е дека Решението не е во согласност со регулативите – Одлука за прогласување на планината Водно за парк-шума и Одлука за комунален ред. Министерството, пак, по новиот расплет образложува дека од претходната приложена документација не можело „да се констатира дека предметното земјиште се наоѓа во заштитена зона во Парк-шума како заштитено подрачје, бидејќи не е прибележано во Имотниот лист“.
Повлекувањето на Решението се случува по стручното вештачење на Крстевски. По немилиот настан кај Рупи, лани во мај, Град Скопје веднаш испратил уште два документи – до општина Карпош и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Од Општината е побарано да ја преиспита постапката за издавање на предметната дозвола и да го извести градоначалникот врз која регулатива е издадена. Од МЖСПП, пак, е ургирано да ја спроведат пропишаната процедура за ревалоризација и презаштита на Парк-шумата Водно. Од Градот уште чекаат одговор од министерството.
Според член осум од Уставот на Република Македонија, загарантирано е унапредување и хуманизација на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Институционален „пинг-понг“ за презаштита на Водно
Водно е прогласена за Парк-шума во 1976 година, а е под ингеренција на ЈП „Паркови и зеленило“ од 1988 година. Заштитена е со одлука донесена од Собранието на Град Скопје. Таа ги дефинира заштитата и начинот на уредување на просторот, како и казните за евентуално извршени прекршоци.
Со донесувањето на Законот за заштита на природата во 2004 година, прогласувањето на нови и ревалоризација и презаштита на веќе заштитените локалитети помина во надлежност на Министерството за животна средина.
Но, Град Скопје и Министерството за животна средина упорно си ја префрлаат топката за тоа кој е должен да ја спроведе ревалоризацијата на Водно. Од Град Скопје образложуваат дека тие ја направиле потребната студија за повторно прогласување на Водно за парк-шума, а наспротив ова, Министерството тврди дека Градот треба да направи измени и надополнување на студијата.
„Репрогласувањето, до денес, не е завршено од страна на МЖСПП. Во изминатиов период, Градот Скопје во неколку наврати се обрати до МЖСПП со ургенција за побрзо спроведување на постапката за репрогласување на Парк-шумата Водно. За доцнењето на постапката за репрогласување е информирана и Владата на РМ, која иницираше средби на надлежните служби на Градот и МЖСПП, но и покрај тоа постапката не е завршена од страна на министерството“, забележуваат од Град Скопје.
Ресорното министерство, пак, на ова одговари со ставот:
„Со цел усогласување на предлог-внатрешните и надворешните граници (зони) содржани во Студија за утврдување на природните вредности и просторната идентификација на границите на парк-шумата Водно со предвидените решенија согласно донесениот ГУП за Град Скопје, потребно е Градот да изврши измена и дополна на Студијата за утврдување на природните вредности и просторна идентификација на границите на парк шумата Водно и истата да ја достави до Министерството како би можелo да се отпочне постапка за ре-прогласување на Водно за заштитено подрачје“.
И додека трае овој институционален „пинг-понг“, Водно продолжува да се бетонира и никнуваат најразлични градби, секоја со аргумент и своја потреба од иницијаторот.
Се роди потреба за изградба на елитна населба Сончев Град, потоа жичарница, етно-село, телекомуникациска кула, а потајно низ јавноста се најавуваат и ресторани и хотели.
Многу нејаснотии се појавија со изведбата на 4,4 километри долгиот Регионален пат до Сончев Град во општина Сопиште. Градот Скопје тврдеше дека не издал решение за сеча на зеленилото, а ЈП за државни патишта уверуваше дека располага со сета документација од општините, градските власти и министерствата.
Јавноста реагираше и за најавата за изградбата ски-центарот. Електрани на Македонија овој проект го наследи од локалните власти во Скопје, а граѓанската иницијатива „Спас за Водно“ реагираше дека Македонија веќе има доволно ски-центри кои „плачат“ за дополнителен развој, стандардизација и инфраструктурни инвестиции.
Водно го следеа контроверзии и за време на „бомбите“ кога опозицијата обвинуваше за парцели на бившиот премиер Никола Груевски. Неодамна, пак, Специјалното јавно обвинителство отвори истрага која се однесува на проектот Сончев град, при што постои сомнеж дека бил оштетен буџетот за над 1,4 милиони евра. Злоупотребата, како што тврдат од СЈО, била извршена во Министерството за транспорт и врски.
И покрај интензивните активности во шумата, податоците на ЈП „Паркови и зеленило“ не бележат никакви промени во површините со зеленило. Напротив, секоја година во нивните годишни планови за активности, гласани од Советот на Град Скопје, се цитираат идентични бројки. Па така, од 2010 до 2017 година, овој пасус едноставно се препишува:
„Површината на парк-шумата Водно изнесува 4573 хектари, од кои обраснатата шумска површина изнесува 2168, необраснатата шумска површина (голини и деградирани пасишта) 1555 и останата нешумска површина (земјоделско земјиште, згради и дворови) 850 хектари. Според ова, околу 47% од целиот простор е обраснат и ја врши заштитната функција на шумата. Според нормативите за потребниот квантум на зеленило за задоволување на еколошките барања, потребни се околу 120 квадрати зелена површина по жител или за целиот град Скопје со околу 500.000 жители е потребно најмалку 6.000 хектари зелени површини во и во непосредната околина. Во сегашни услови, Водно обезбедува околу 35-40% од потребното зеленило и претставува ’бели дробови’ на Скопје“.
Одговорните во ЈП „Паркови и зеленило“ во неколку наврати посочуваа дека „белите дробови“ секоја година мора да се освежуваат со најмалку 65 хектари нова шума, но последниве 25-30 години се садени едвај по 2-3 хектари. Според шумско-стопанските основи, на секој хектар треба се садат по 2.500 садници, од кои, кога ќе пораснат, треба да се селектираат и да останат околу 400.
Дополнително, проблематично е што 20-ина шумарски записници од 2013 и 2014 година немаат конечна разрешница. Односно, шумарот забележал нелегитимна сеча во заштитеното подрачје, напишал записник за сторен прекршок со штети од 15.000 денари, па се до над 500.000 денари, меѓутоа „Паркови и зеленило“ нема превземено понатамошни мерки. Меѓу сторителите на прекршоците шумарот ги запишал и ЕВН, „Гранит“, но и индивидуални лица или непознати сторители. Најчесто под вид на штета е забележано „сечење дрвја“.
Непознат епилог за сторените прекршоци продолжува и во 2015 година. И во овој период, од 2015 наваму, зависно од локацијата и направената штета, шумар од „Паркови“ во посебни записници навел суми од 3.000 денари па над 120.000 денари. И тука видот на штетата обично е „сечење на дрвја“, а се среќава и „узурпирање на парк-шума“.
Ако се пресметаат штетите во парк-шумата од 2013-2016, врз база на овие „записници за сторен прекршок“ до кои дојдовме, тогаш вкупната сума е над 5.7 милиони денари.
Од овде се поставува прашањето – ако ЈП „Паркови и зеленило“ е задолжено за Парк-шумата „Водно“, согласно Одлуката од 1991, зошто сите вакви записници не се процесуираат?
Градежните активности фатални за екосистемот на Водно
За недостигот од соодветна заштита на природните подрачја, како парк-шумата Водно, алармира и биологот Кирил Арсовски. Тој смета дека изминатите години се презеле непотребни и неоправдани инфраструктурни зафати што го оштетуваат подрачјето и ја намалуваат растителноста. Загрижувачки, според него, е тоа што расте можноста за појава на ерозија, со оглед на геоморфолошката природа на релјефот.
„Планината Водно претставува важен фактор за квалитетот на животот во Скопје“, вели тој.
„По предлогот за менување на статусот на парк-шумата „Гази Баба“ во Парк на природата, Водно останува единствено вакво подрајче во околината. По човековата интервенција во 50-тите години од минатиот век, сега Водно на северните и северозападните падини има формирано вистински шуми со мешовит состав. Ваквите екосистеми ја одржуваат климата во градот, влијаат врз прочистување на воздухот, претставуваат живеалиште за различни видови од флората и фауната со што го зголемуваат урбаниот биодиверзитет и секако нудат можност за спортување и рекреација“, објасни Арсовски.
На ова се надоврзува и професорот Александар Трендафилов од Шумарскиот факултет, кој потсети дека Водно е на „добар“ пат да му се случи ерозија, по примерот на Скопска Црна гора. Забележува дека урбанистичкиот дел на Скопје интензивно навлегува во „срцето“ на Водно.
„Многу е жално што се помести ‘Црвената линија’, која првично беше над Клинички центар, сега се крена многу погоре и ако се погледне Водно, може да се виде дека горниот дел завршува со згради. Тоа смета на циркулацијата на воздухот. Ако продолжиме така, ќе го загушиме градот. Со Генералниот урбанистички план веќе е поместена границата. Урбанистичкиот дел на Скопје оди кон Водно, навлезен е во централното подрачје на Водно. Официјално е направена граница, а не е обелоденета“, подвлече професорот.
Експертите се загрижени дека Водно би можело да биде новото Стајковци, каде летово по силно невреме беа поплавени голем број семејства, а 22 лица загинаа. Трендафилов нагласи дека шумите треба да бидат трајни, а такви може да бидат само ако се спроведат сите предвидени одгледувачки мерки.
„На Водно се направија нарушувања во делот со новиот пат кон Сопиште. Тука се направија големи деградации и ако се случи некој екстремен – пороен дожд, ќе биде многу поопасно отколку што беше овде“, посочи тој.
Прва сериозна поплава која одзела една човечка жртва при пробив на облак над Водно се случила во 1951 година.
Поплавата била вистинска закана за околните куќи и секако за Клиничкиот центар, чии магацини биле преплавени во висина до 1.5 метри. Речиси целосно бил уништен и паркот на болницата. Кај Мала станица биле донесени околу 20.000 метри кубни нанос.
Уште тогаш една од мерките за да не се повтори ова била да се пошумат старите и да се изградат нови собирни канали на Водно, со што би се регулирал секој евентуално настанат порој.
Придобивките од Водно неопходни за луѓето
Карактеристика за планината Водно е шареноликиот биодиверзитет. Таа е дом на 124 регистрирани видови на птици, 19 врсти на цицачи, осум вида на влечуги и два типа на водоземци. Покрај заштитната улога, Водно има и спортско-рекреативна, културна и воено-стратешка улога.
Интересен факт е тоа што возрасен човек за едно деноноќие вдишува околу 15 кубни метри воздух, или над 18 килограми воздух. Ако се знае дека површината на шумата распоредена по северната падина на Водно изнесува приближно 1.000 хектари, кислородот што се ослободува изнесува 11.000 тони. Ова, пак, би било доволно да исфилтрира 50-70 тони прашина.
Легендата за џинот на Водно
Си бил еднаш јунак кој победил злобен волшебник, а потоа легнал на густата трева да поспие. Од неговата пот избиле кладенци бистра вода, а неговото тело по некое време се сторило планина која луѓето ја завикале Водно. Таму каде што го положил копјето се сторил еден висок срт, долг и тенок како копје. Секаде каде што копјето било допирано од рацете на јунакот, по сртот израснала вегетација. Денес, погледнато оддалеку – Водно прилега на заспан џин.
Југослава Поленак е дел од граѓанската иницијатива „Спас за Водно“ која во повеќе наврати алармираше за загрозеноста на парк-шумата. За неа лично, Водно претставува парче природа вгнездено во сè посивото и поизбетонирано Скопје.
„Водно е зелена константа во мојот живот во овој град, кон него погледнувам многупати во денот кога сакам да одморам очи и да смирам душа, а кога и да посакам да избегам од градскиот метеж, за некои половина час движење, уживам во црцорот на птичките и шумолењето на водњанската шума, што е ретка привилегија за жители на еден голем град“, вели таа.
Таа вели дека како скопјанка е особено горда на Водно, но е загрижената за неговата иднина.
„За жал, Водно последниве години, кога и да го погледнам, а уште повеќе, кога и да се движам низ неговите падини, ми покажува нови примери на бескрупулозноста со која го уништуваат не непознати, туку конкретни луѓе, со име и презиме. Оние кои се вмешани во неговата насилна урбанизација, кои планираат нови и нови објекти, патишта, обиколници, разни кули и ресторани, приватни имоти на Водно, кои своите амбиции ги реализираат преку непотребни проекти што го разоруваат и узурпираат, но и оние кои биле во позиција да го заштитат како скапоцено парче од природата, со закони и прописи, а намерно и со умисла не го сториле тоа“, заклучи таа.
Бојан Шашевски
Емилија Петреска
Овој материјал е изработен со помош од Европската Унија. Содржината на овој материјал е исклучиво одговорност на Здружението на граѓани Еко Логик и на ниеден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.”
Ова истражувачка сторија е реализирано како дел од проектот „Водно – институционално и граѓански незаштитен филтер на воздухот на Скопје“, проект кој го спроведува Здружението на граѓани Еко Логик, во соработка со Радио МОФ. Проектот е дел од проектот „Развој на еколошко истражувачко новинарство“, поддржан од ЕУ, а го спроведуваат Флорозон и Сумнал.