Деветгодишно девојче ја тужи индиската влада што придонесува кон глобалното затоплување

Деветгодишната Ридхима Пандеј од Индија, поднесе тужба против федералната влада, бидејќи не презема акција за да го намали глобалното затоплување. Истовремено, таа сака да ги предупреди младите луѓе дека тие ќе ја платат цената за неодговорноста на владата.

Во петиција поднесена заедно со Националниот зелен трибунал, специјален суд за случаи поврзани со екологија, Ридима напишала дека владата не успеала да ги имплементира своите закони за екологија.

„Како млада личност, Ридхима е дел од класа која меѓу сите Индијци, е најранлива на промените во климата, а сепак не се дел од процесот на донесување одлуки“, пишува во петицијата долга 52 страници. Во неа, трибуналот се повикува да ја натера владата да „преземе ефективна акција основана на наука, за да ги намали и минимизира наглите влијанија на климатските промени“.

За британските медиуми, Ридхима изјави: „Мојата влада не успеа да преземе чекори и да ги регулира и намали емисиите на стакленички гасови, кои предизвикуваат екстремни климатски услови. Ова ќе ни влијае и на мене, и на идните генерации“.

„Индија има огромен потенцијал да го намали користењето на фосилни горива, а поради непреземањето на акција од страна на Владата, јас се обратив до Националниот зелен трибунал“.

Индискиот министер за екологија, шумарство и климатски промени, како и Централниот контролен борд за загадување, треба да одговорат на нејзината тужба и петицијата во наредните две недели.

Во Индија се наоѓаат дури 10 од најзагадените градови во светот, кога станува збор за воздушно загадување. Заедно, Индија и Кина имале повеќе од половина од вкупниот број на смртни случаи глобално, причинети од воздушното загадување во 2015 година.