Новиот филм „Крајот на времето“ (The End of Time) на Милчо Манчевски освoи награда на фестивалот на краткометражен филм, Аспен Шортфест 2017 во САД, каде што ја имаше и светската премиера. Овој експериментален краток филм на Манчевски во кубанско-американска копродукција, ја освои престижната награда Елен, која носи и 2,500 долари. Наградата е востановена во чест на Елен Кохнер Хант, основач и поранешна директорка на фестивалот во Аспен, Колорадо, еден од најреномираните фестивали на краткометражен филм во светот кои се квалификуваат за наградата Оскар.
Наградата Елен е дел од престижните официјални признанија на фестивалот, а според организаторите, се доделува „на филм кој го отелотврува духот на филмската селекција на Аспен од 1976 до 1995“. Фестивалот во Аспен се одржуваше од 4-9 април, а комплетната листа на наградени може да се најде овде.
„Крајот на времето“ е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.
„Крајот на времето е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во кино-сала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин“, вели најнаградуваниот и најуспешен македонски уметник Манчевски.
Филмот е снимен во Сан Антонио де лос бањос на Куба, а постпродукцијата е завршена во Њујорк и Македонија. Ова е една од првите американско-кубански копродукции, која започна пред неодамнешното затоплување на односите меѓу двете земји.
Македонската Агенција за филм и македонското Министерство за култура не учествуваат во овој проект. Директор на фотографија е Ален Лопез Мартинез, монтажер Кристина Поженел, автор на музиката и тонскиот дизајн е Игор Василев Новоградска, визуелните ефекти се на Мишо Ристов и Рекс, а колор грејдингот на Мајкл Двас.
Долгометражните филмови на Милчо Манчевски се добитници на бројни меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција, номинација за Оскар, Давид ди Донатело, Златна бубачка, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, итн. Неговите кратки форми исто така имаат добиено награда на Ем-Ти-Ви за видео, награди за експриментален филм, награди за спотовите „Македонија вечна“, итн. „Њујорк тајмс“ го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Тој исто така има режирано и на серијата „Жица“ (The Wire) за Ејч-Би-О.