НАСА ја дава Земјата на „посвојување“

Луѓето имаат шанса да изразат љубов кон својата планета, така што на симболичен начин ќе „посвојат“ еден нејзин дел.

НАСА ја подели Земјата на 64 000 делови и секој од нив го понуди на „посвојување“ преку нивната веб-страница.

Преку оваа акција, американската Национална вселенска агенција сака да го одбележи Денот на планетата Земја, кој се прославува на 22 април.

Оние кои сакаат да се вклучат во акцијата, може да „посвојат“ дел на кој се наоѓа некој од знаменитостите, или пак, да заземе дел од Пацификот.

Откако ќе се „посвојат“, НАСА дава научни податоци за нив, а може и дополнително да се истражуваат на посебна интерактивна мапа.

Постои и опцијата вашиот резултат да го споделите на социјалните мрежи, бидејќи НАСА на секој посвоител подарува сертификат.

Кога сите 64 000 парцели ќе бидат „вдомени“, изборот ќе започне од почеток, за секој да има можност да се смета за „посвоител“ на својата земја.

Од вселенската агенција се надеваат дека на овој начин ќе ја кренат јавната свест за значењето од зачувување и на оние делови од светот, кој просечен жител на Земјата можеби никогаш нема да ги види.