„Борба за смрт“ на Венинова на фестивал во Лос Анџелес

Краткометражниот филм „Борба за смрт“ на авторката Елеонора Венинова ќе учествува во официјална конкуренција на Фестивалот СЕЕ Фест кој ќе се одржи во Лос Анџелес, Калифорнија на крајот на април.

„Борба за смрт“ ќе биде прикажан во рамките на 12-тото издание на овој фестивал, посветен на филмови од Југоисточна Европа. Филмот ќе биде прикажан на 29 април во Гете институтот во Лос Анџелес.

Ова е трет фестивал за „Борба за смрт“ во 2017 година, после учествата на фестивалот Интернационална недела на краток филм во Регенсбург, Германија и Фестивалот Кино Павасарис во Литванија.

Претходната година филмот освои две награди: „Златна мачка“ за втор најдобар филм во меѓународна конкуренција на Филмскиот фестивал за краток филм во Измир, Турција и награда за Најдобра машка улога на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција.

„Борба за смрт“ досега учествуваше на над дваесет фестивали ширум светот, вклучувајќи голем број на фестивали кои се квалификациски за БАФТА, Оскар и Европските филмски награди.

Парадоксалната драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село се снимаше минатото лето во мариовското село Кален. Сценариото и режијата се наградуваната македонска филмска авторка Елеонора Венинова. Во улогата на двајцата дедовци се актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски, а директор на фотографија е Димо Попов. Продуцент е Гоце Кралевски, а е во продукција на ДНФ Филмс. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм.