Македонската претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“ ја освои главната награда, Гран при, на јубилејното 10. издание на театарскиот фестивал „Лица без маски“. Фестивалот синоќа заврши со претставата „Фармата“, од италијанската театарска академија „Софија Амендолеа“, а во режија на Паоло Алесандри. Оваа театарска група ја доби наградата за најдобра актерска изведба, а за најдобра режисерка беше прогласена Софија Ристеска, од Битолскиот интимен театар за претставата „Скршената стомна“.
За наградите одлучуваше жирито во чиј состав беа Деан Дамјановски – режисер, Трајче Георгиев – актер и Тони Димковски – новинар и театарски критичар.
„Фармата“, инаку работена според познатото дело на Џорџ Орвел, беше исклучително сценско прикажување на 11 актери во улога на животни кои симболизираат некој од стравовите кои луѓето ги носат во себе. Истовремено, борбата со тие стравови, сопоставувањето на човекот, како возвишено суштество, полно со трикови, желно за моќ и власт и животните како потчинети робови кои работат на фармата, всушност го претставуваше капиталистичкиот свет во кој живееме. Светот во кој колку и да се зборува за правата на демократија и слобода, сепак за тоа сè уште се бориме.
Животните кои беа претставени беа само огледало на нашите секојдневни борби и потреби. Истакнат беше и моментот на здруженост и заедништво, кое дава надеж за промена, но неизбежно беше и предавството во самата срцевина на кругот од ветерницата. Кршењето на една од алките во синџирот е она што секогаш нè враќа на почетокот. Моментот кога сфаќаме дека сепак се вртиме во бесконечен круг на робови и владетели во различни современи форми.
Викторија Мирческа