Урбаната уметност која во изминативе три години го разубавуваше јавниот простор во Скопје и другите градови низ државата, но во исто време, испраќаше силни пораки до локалните власти, на крај завршува како ѓубре. Уметничките дела кои добија огромна вредност поради нивната препознаеност во јавноста, наместо да се зачуваат, тие најчесто ги „красат“ контејнерите.
„Огромното гнездо со јајца во Скопје“, „Очите на дрвјата“, „Лебедите од Струга што протестираат“, „Ајкулите во Вардар“, „Споменикот на дијазепамот“ и „Дупките во Велес од кои се ловат риби“, се само мал дел од низата урбани акции што ги направи анонимниот колектив, составен од повеќе уметници и занаетчии. За нивните акции надалеку се слуша, токму поради креативниот начин на кој ги упатуваат своите активистички пораки. Сепак, како што велат, дел од нивните акции се само „art pour l’art“, односно единствената цел им е да го разубават просторот што им припаѓа на граѓаните.
Познат англиски консултант за креативни индустрии, кој слушнал за ајкулите во Вардар, пресметал дека една таква ајкула би достигнала вредност и до 70 000 фунти, вели Никола Писарев, кој е дел од овој уметнички колектив. Според него, поставувањето на ајкулите била најпредизвикувачката акција досега, бидејќи за неа морале со денови претходно да се подготвуваат, да се пресметува статика и динамика и да се прават проби до бескрај.
„Пливавме низ Вардар, но каде никој не гледаше. Позади тие ајкули што ги виде пола Европа и повеќе, имаше процес од 20-тина денови, секојдневна работа. Сето тоа мораше да изгледа совршено, не смеевме да си дозволиме да направиме нешто без проба. И некоја будала потоа ги фрла во контејнер – уметничко дело што вреди толку многу пари“, рече Писарев, нагласувајќи дека за првпат со оваа акција насловните страници во медиумите биле за уметничко дело.
„Можеа барем да ги тргнат во депоата каде што им стојат макетите од „Скопје 2014“, разни глупости дадени на конкурс. Цел хангар има Град Скопје и секоја општина за скршени клупи или бандери и можеа таму да ги стават, ама не да ги фрлат. Треба да немате памет за да фрлите уметничко дело. Не сакам да кажам дека некој имал зла намера, но мора да има градска управа којашто ќе ги земе и ќе ги зачува. Но, ете, да се немало акал. Ние сме познати по тоа како држава“, додава тој.
Нивните акции најчесто обработуваат некој локален проблем, иако понекогаш може да се види акција која се однесува на некоја повисока политика, како на пример „Надгробната плоча за човековите права“ и „Извештајот на Прибе издлабен на камен“.
„Периодот, со овие политички тензии, е тотално неповолен за да правите нешто креативно, затоа што толку е сè отидено во бестрага што луѓето се уморни, ништо не ги интересира, постои тешка апатија и буквално треба да бидете крајно креативни да осмислите нешто“, појасни Писарев.
„Уметноста не може да бега и ние апсолутно не бегаме од политиката, но сметаме дека во дадениот период повеќе може да направиме зијан, отколку ќар за целата заедница, ако направиме некоја таква акција“, додаде.
Овие акции, вели Писарев, финансиски се поддржани од Цивика Мобилитас и Швајцарската агенција за развој, додека за идејата и крајниот производ се задолжени членовите на колективот.
„Генерално, работиме два месеци однапред, повеќе не можеме бидејќи се менуваат контекстите. Некогаш испуштаме некои работи затоа што ни се случуваат премногу брзо. Како на пример, лани со водата во Дојран, сакавме да направиме промоција на водата „Дојрана“, после „Арсена“, која е исто така наше дете. Сакавме за „Дојрана“ да направиме огромна триметарска чаша, но не стигнавме во тие три дена дури беше гужвата“, раскажува Писарев.
За да ги реализираат своите акции, тие имаат соработка со разни архитекти, уметници активисти, граѓански организации и синдикати.
„Првата организирана акција што ја направивме како група беа очите на дрвјата. Претходно имавме десетина акции и за нас, и за други активистички групи, кои не ги сметаме за наш официјален почеток“, вели Писарев.
Откако случајно откриле дека со таа креативна комуникација можат да делуваат, започнало нивното продуцирање на уметност.
„Како се затегаа состојбите во државата, како јавноста стануваше сè попасивна, ние баравме начин на креативно делување коешто ќе изразува одредени проблеми во јавноста и ќе прави јавен притисок за решавање на тие проблеми. Практично, да направиме малку спектакуларизација на одредени проблеми за да се направи поголем притисок на оние што ги кројат нашите судбини“, образложи Писарев.
Некогаш, пак, нивните акции се само уметнички. Такви беа најновите бандери во Паркот на франкофонијата. За Писарев, разубавувањето на јавниот простор е исто толку важен бидејќи како што вели „колку ни е поквалитетен јавниот простор, толку ни е поквалитетен животот“.
Овој урбан уметник вели дека никогаш не ги поставуваат нивните дела ноќе, бидејќи како што нагласи – ноќе работат само криминалци и бандити. Според него, не постои анонимност во нивната работа поради некаков страв или пак претпазливост, туку „луѓето само сакаат кога некаква невидлива сила ги прави работите“.
„Ние не се криеме воопшто. Генерално ги поставуваме претпладне, меѓу 9 и 12 часот за луѓето да ги видат. Некогаш ги поставуваме и порано ако има потреба за да има време да ги преплавиме социјалните мрежи“, објасни Писарев.
Сепак, иако герила концептот звучи возбудливо, не сите акции што тие ги прават се на „диво“, туку добиваат начелна согласност од општините.
„Од една страна им пречат тие акции на многу луѓе, на тие што се криви, но ако една институција реши да уништи таква акција, нас ќе ни заврши работа, така што акцијата уште повеќе ќе одекне во јавноста, а од друга страна, ќе биде лош ПР спрема граѓаните, бидејќи тие веќе ги препознаваат акциите. Сите акции всушност се на страната на граѓаните и третираат исклучиво проблеми со коишто се соочуваат тие“, појасни Писарев.
За своите акции најчесто одбираат фреквентни места, што ќе бидат видливи и каде акцијата би одговарала со амбиентот. На прашањето што прават кога службени лица ќе ги „фатат на дело“, тој кратко одговори:
„Имаме стратегија за такви работи – да се правиме будала. Доаѓале, прашувале ‘што е ова?’, ‘Не знам, гледаш дека го сликам, и јас се прашувам’. Така што, сме имале такви проблеми со градското обезбедување, но со нив лесно се излегува на крај“.
За една герила акција треба три работи, а тоа се: идеја, занаетчија и уметник, вели Писарев.
„Во последно сè посилно е нашето чувство дека треба да правиме работи кои имаат висока уметничка вредност. Од една страна имате активистички акции што ги правиме на компјутер, меѓутоа имаме потреба да правиме работи што отскокнуваат. Тоа се последните две три акции како со јајцата и бандерите, каде што има навистина многу работа, две до три недели продукција. Имаме потреба од едно такво отскокнување затоа што гледаме едно копирање на акциите од страна на невладините организации, и тоа е добро, сме поставиле некој систем што функционира. Малку некогаш нè лути што ретко нè контактираат, а го копираат нашиот систем. Но, тие губат, бидејќи имаат пад на продукцијата, немаат занаетчии, немаат уметник“, смета Писарев.
Конкретно го посочи примерот со засадените цвеќиња во дупките на улиците во Аеродром. Тој вели дека оваа идеја ја развиле заедно со колегите од Косово и Србија, каде успешно била реализирана идејата.
„Во Скопје ја презедоа таа акција, но во сржта ја промашија, затоа што цвеќињата и земјата им беа неубави и тоа можеше да изгледа подобро. За сиот тој труд што го вложиле, требале да прашаат како се прави тоа. Дали е тоа обично цвеќе што се зема од пазар, или прво се негува..“, посочи Писарев.
Него го радува фактот што се почесто се забележуваат и индивидуални акции.
„Пред некое време, имаше поставено огромна плишана мечка со порака во шахта. Тоа е најверојатно стара играчка на нечие дете, но беше генијално бидејќи беше индивидуален чекор на еден човек“, рече тој.
Како што информира, во нивното сандаче постојано пристигнуваат поплаки и барања за нови уметнички интервенции од се повеќе граѓани и иницијативи, потсетувајќи се на неговата прва поголема акција – гигантските костури од риби, направена како дел од акцијата за спас на реката Радика.
Но, Писарев вели дека главната цел на нивните акции е да ги активираат активистите, уметниците и архитектите. Тие да го преземат овој концепт и да го имплементираат, бидејќи обичниот човек нема доволно знаење, колку и да има идеја, смета тој.
Со последните две акции, уметничкиот колектив ја најави пролетната сезона на акции, кои ќе се одвиваат во Скопје, но и во други градови. Во моментов имало преговори за нова акција во Струга, но таа ќе биде за разубавување на јавниот простор, наместо активистичка. Писарев вели дека и други градови биле заинтересирани за вакви акции.
Е.П.