Македонија во овие апсурдни времиња се наоѓа во вакумиран момент кој се повторува во циклус, без разлика колку граѓаните се поместуваат од својата оска. Ние, граѓаните и после протестите на Шарена постојано ја развиваме и доработуваме идејата за подобра и поправедна држава, но една година по Шарена револуција како секогаш да се будиме во истиот ден.
Навечер, легнуваме со надеж дека утре конечно ќе мрднеме од оваа мртва точка, а наутро сфаќаме дека и денес не е тој ден.
Шарена Револуција како движење е продукт на повеќегодишно граѓанско самоорганизирање, здружувања по основ на идеи за средината околу нас и за визијата за подобро општество. Од архи-бригади и протестите против полициска бруталност, преку најголемите студентски протести во македонската историја, до 5-ти мај и #Пртотестирам, младите полека стануваа свесни за реалната закана за иднината и евентуалната благосостојба, која безмалку религиозно ја чекаме. Тогаш, вистински ја разбравме суштината на одговорноста која ја носиме сите. Разбравме дека сите вредности во државата се срамнети со земја и дека треба да градиме општество одново и доколу ние не одговориме на тој повик, подоцна ќе биде невозможно да се опстане здрав и неизвалкан ( или воопшто остане) во оваа наша педа земја.
Затоа, „Шарена” не е ограничена во време и простор и не може со прекривање на нејзините трагови да се намали или избрише импактот кој таа го имаше во колективната свест во Македонија. Шарена раволуција не престана да делува со прекинувањето на протестите, ами тогаш создаде силно јадро кое допрва ќе делува како коректор и будно око над општестено – политичките процеси во Македонија.
Денес, една година после Шарена Револуција која почна како граѓански одговор на криминалните аболиции на Ѓорге Иванов, Македонија, парталава и изгледнета, поворно коленичи пред чергичето на вилата на Водно, просејќи здрав разум и милост од истиот тој човек. Е, во тој ден се будиме, секој ден.
Има неколку генерации околу мојата, кои во некој општествен контекст се во извесна смисла несреќни генерации, бидувајќи експериментално глувче за образованието, бидувајќи стока за тестирање на издржливост на полициска бруталност, за сузбивање на субкултури и други разноразни системски одмогнувања во она што инаку го нарекуваме слободен живот. Но, едно нешто во овие моменти се чини најмногу ја расипало работата.
Имено, нас нè воспитуваа родители кои не нè неаучиле да се браниме од ваква барга олоши. Ние од мали учевме да веруваме во „добро”, да веруваме дека добриот на крај победува, да веруваме дека добрата идеја не може да се убие, дека тоа останува во аманет и дека е посилна од сè. Тогаш не ни кажаа дека идејата нема трансакциска сметка, а луѓето имаат.
Шарена револуција допрва ќе ги покажува своите плодови, тоа ќе биде еден од најголемите колективни подвизи на граѓанството во целост, се разбира ако имаме држава до тогаш.
Пишува Ирена Стеријовска, театарски режисер