Претседателот на управниот одбор на технолошкиот гигант Гугл, Ерик Шмит пристигна во Пекинг откако помина неколку дена во контроверзна „приватна и хуманитарна мисија“ во Северна Кореја.
Иако Шмит повеќепати разговараше со медиумите, и натаму не е јасно кои се вистинските причини за посетата: лобирање за поголем пристап до интернет во Северна Кореја, проширување на бизнисот на Гугл во оваа земја или обид да се издејствува ослободување на Американецот Кенет Бае, кој е во затвор во Северна Кореја. Според информациите, Шмит не се сретнал со претседателот на комунистичката држава Ким Џонг Ун, но бил примен од заменик-министер во владата во Пјонгјанг.
Посета на кој било американски државјанин на Северна Кореја е многу невообичаена, а во изминатите 20 години не е забележано дека во земјата дошол американски бизнисмен од висок профил. За време на посетата, Шмит посетил болница и универзитет, каде се уверил дека студентите користат застарени „ХП“ компјутери, кои ги фотографирал за спомен.
Шмит е еден од најбогатите луѓе во светот, а неговиот имот се проценува на 7.5 милијарди долари. Според повеќе аналитичари, најверојатниот мотив за изненадувачката посета на Северна Кореја сепак е ширење на бизнисот на пазарот кој досега беше „недопрен“ од западните компании.