Ексцентричниот универзитетски професор, композитор, сликар и мултимедијален уметник Владимир Франц ќе добие главно поддршка од младите гласачи, велат анкетите во пресрет на претседателските избори во Чешка, закажани за утре (11 јануари). Според истражувањата на јавното мислење, Франц би можел да добие 11% од гласовите на изборите, со што е трет според рејтингот. Негови противкандидати ќе бидат деветмина професионални политичари, меѓу кои и првиот претседател на Чешка Вацлав Хавел.
53-годишниот Франц, чие тело е целосно прекриено со тетоважи, и покрај својот ексцентричен изглед ужива релативно висока поддршка во земјата во која граѓаните се изморени од политичарите и нивните лажни ветувања. Неговата кампања помина безкакви било рекламни материјали, со потрошени само 20.000 евра собрани од донации. И покрај тоа што нема никакво политичко искуство, Франц собра 88.000 потписи за кандидатурата (двојно повеќе од потребните 50.000), за многу кусо време.
Според анкетата спроведена на еден месец пред изборите, дури 40% проценти од младите гласачи се изјасниле дека ќе го поддржат Франц за претседател, а тој ужива и голема популарност кај младите кои се уште немаат право на глас. Неговите 11% поддршка кај вкупното гласачко тело нема да бидат доволни за победа, но би можеле да значат многу за Јан Фишер или за Милош Земан, кај кои би се прелеале неговите гласови во вториот круг, сметаат аналитичарите.