Во малата сала на Центарот на култура во Битола, „Контра Кадар“ утре (19 април) организира проекција на култниот „Монти Пајтон и Светиот Грал“.
„Не треба посебна најава за филмот што како застарува станува посмешен и полуциден. ’Светиот грал’ е комедија која е апсолутна класика во секоја смисла. Си поигрува со наративите за херојството, кралството, поредокот, системите и слично. Како загревање за настанот во среда, eве еден од легендарните дијалози:
Чуварот на мостот: Стоп! Како се викаш?
Кралот: Артур, крал на Британците.
Чуварот: Каков е твојот поход?
Кралот: Да го најдам Светиот грал.
Чуварот: Која е брзината на летање на ненатоварена ластовица?
Кралот: Како мислиш? Африканска или европска?
После проекцијата, ќе дискутираме со новинарот и писател Ѕвездан Георгиевски за сатирата како политички коректив, дистинкцијата помеѓу хумор и сатира и нивната функција во социјалните релации“, стои во најавата за дебатното кино „Контра кадар“.
Настанот започнува од 20:30 часот, а влезот е слободен.