Пишува: Бил МекКибен за Гардијан
Доналд Трамп е толку спектакуларно ужасен што е тешко да оттргне погледот – особено сега кога ги откри бомбите. Но, точно поради тоа што сите гледаат во неговиот правец, други светски лидери можат да прават скоро сè. Не ми верувате? Погледнете една земја посеверно, во Џастин Трудо.
Гледајте колку сакате, всушност – тој сигурно е сладок, единствениот суверен лидер на планетата кој изгледа како пред некое време да се откажал од младински бенд. И прекрасно ја усовршил политиката на инклузија: сочуствителен со имигрантите, инсистира на вклучување жени на секое ниво на власт. Дајте му заслуги каде што ги заслужува: на повеќе начини тој е анти-Трамп и не е чудо што Канаѓаните паѓаа во несвест кога дојде на власт.
Но, кога се работи за најважното прашање на денешницата – климатските промени, тој е брат на стариот портокалов тип во Вашингтон.
И тоа не реторички: Трудо ги говори сите прави нешта, одново и одново. Тој нема Скоти Пруитси (шефот на американската Агенција за заштита на животната средина) во неговиот кабинет: сите што работат за него ги говорат правите работи. Навистина, специјализираа во убедување на другите да ги говорат исто така – канадските дипломати и државниот министер за животна средина Кетрин МекКена се бореа на климатските преговори во Париз за постигање цели потешки од очекуваните: да се задржи растот на температурата на планетата до 1,5 целзиусови степени.
Но, тие зборови не значат ништо доколку продолжите да копате повеќе јаглерод и да го продавате на луѓето да го палат, а токму тоа го прави Трудо. Тој силно работи на нови нафтоводи низ Канада и САД, за да носат уште повеќе нафта од песочниот катран во Алберта, што е една од најголемите климатски катастрофи на планетата.
Минатиот месец, говорејќи на собирот на индустријата на нафта во Хјустон, тој доби овации од нафташите поради ставот: „Нема земја која ќе најде 173 милијарди барели нафта во земјата и само ќе ги остави таму“.
Да, 173 милијарди барели е навистина процената за обновлива нафта во полињата со песочен катран. Па ајде да направиме математика. Ако Канада ја ископа таа нафта и ја продаде на луѓето да ја изгорат, тоа ќе произведе, според математичките генијалци во Oil Change International, 30% од јаглеродните гасови потребни да не однесат преку границата од 1,5 степени целзиусови кои Канада помогна да се зацртаат во Париз.
Тоа значи дека Канада, која претставува една половина од 1% од светската популација, зема право да продава нафта која ќе потроши третина од останатиот буџет за јаглеродни согорувања на Земјата. Трамп е чудак, опасност и непријатен за гледање, но, барем не е прекрасен лицемер.
Овој однос е во центарот на имиџот и енергетската политика на Канада. МекКена, предизвикана од еколошкиот ветеран на Канада, Давид Сузуки, зајадливо изјави: „Имаме неверојатен план за климатските промени кој вклучува ставање цена на загаденоста од јаглеродни соединенија, истовремено инвестирајќи во иновации на чиста енергија. Но, ние исто така знаеме дека нашите природни ресурси мораме да ги извадиме на пазарот и ги правиме и двете работи.
Сепак, правејќи го второто се негира првото – впрочем, целосно се преклопува. Доколку Канада е зафатена со извезување јаглерод низ целиот свет, нема многу да значи дури и секој Тим Хортон (ланец на фаст фуд ресторани во Канада) да престане со продавање крофни и да почне да промовира соларни панели.
Канада има друштво во оваа измама. Австралискиот премиер Малком Турнбул би требало да биде почувствутелен од неговиот претходник, фалбаџија како Трамп. Кога се потпиша на националната обврска за почитување на Договорот од Париз, тој рече: „Јасно е дека договорот е вододелница, пресврна точка и прифаќање на сеопфатна стратегија која ја раздрма меѓународната заедница и поттикна глобална акција“.
Тоа е убаво нешто да се каже – или би било, доколку твојата влада не го поддржува планот за најголемиот рудник за јаглен на светот. Само тој еден рудник, во земја со 24 милиони население, ќе произведе 362% од годишните емисии на јаглерод кој го произведуваат сите во Филипини во текот на една година. Очигледно е математички и морално апсурдно.
Трамп, секако, работи идентично вредно да ја задоволи индустријата на фосилни горива – тој, на пример, нареди на Бирото за управување со земјиштата дополнително да го олесни процесот на давање дозволи за нови нафтени и гасни проекти. А оние кои фрактурираат карпи, според новите правила, немаат потреба да водат сметка за тоа колку метан испуштаат при процесот. И зошто би воделе? Ако верувате, како што Трамп очигледно верува, глобалното затоплување е заблуда, измама, привид, можете исто така да се тргнете од патот.
Трамп, со други зборови, ја навредува планетата. Но, барем не се обидува да одглуми дека го прави спротивното.
БилМекКибен е писател и основач на климатската кампања 350.org.