Од вчера, на сајтот на Агенцијата за вработување, активен е огласот во кој се бараат 55 новинари, за ангажман на определено време од 6 месеци и плата од 20 илјади денари од компанијата „Медиа Принт ДООЕЛ – Скопје“, фирма ќерка на „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), во чија сопственост се наоѓаат и весниците „Утрински“, „Дневник“ и „Вест“.
Новинарите стравуваат дека весниците ќе згаснат, а фирмата „Графички центар“ во која досега беа вработени, ќе оди под стечај и дека ќе треба да конкурираат на новиот оглас.
Огласи од „Медиа Принт ДООЕЛ“ се распишани и за уредник, одговорен уредник, фотограф како и за повеќе други работни места.
Новинарите не се информирани што се случува во компанијата. Синдикатот од трите весници ќе побара средба со менаџментот на МПМ за да им објасни што точно се случува со компанијата.
Судбината на вработените во весниците е неизвесна веќе подолг период. Од средината на февруари, тие цел месец беа во штрајк предизвикан од доцнење на платите, но и поради неможноста да остварат контакт со менаџментот на МПМ.