„И јас подарив книга“ е наречена акцијата во која, утре во 12 часот, ќе бидат поставени два пункта за донирање и размени на книги во Тетово. Настанот го организира Младинскиот образовен форум (МОФ) – Тетово, заедно со иницијативата „Мрдни со прст“ и Националниот младински совет на Македонија, со цел да се одбележи Меѓународниот ден на книгата, 23-ти април.
Мали библиотеки е предвидено да се постават на две места, најпрвин во средното училиште „7 Март“, а потоа настанот ќе продолжи и во основното училиште „Братство Миѓени“. Идејата е граѓаните на пунктовите да ја однесат книгата која им оставила впечаток и да се вратат со наслов кој го воодушевил некој друг.
„Посети ја омилената книга на полицата во дневна. Грев е книгата да е скришното место каде што тато ја чува банкнотата од 500 евра затоа што никој не ја чепнал веќе со години. Од корицата ќе прочиташ дека чезнее за прошетка и за дружба со некого сличен на тебе. Или потполно различен. Затоа што книгата е место од кое што започнува идејата за промената. Токму онаа промена што сакаш да ја видиш околу себе“, стои во повикот од организаторите.
На настанот ќе се делат и флаери со мотивирачки пораки од познати писатели за тоа колку книгата е важна.
Фејсбук повикот, на македонски и албански јазик, можете да го погледнете ОВДЕ.