Успешен референдумот во Гевгелија на кој граѓаните на оваа општина се изјаснуваа дали се за или против отворање нови рудници за злато на планината Кожув. На 37-те избирачки места излегле 69 проценти од 19.459 гевгеличани кои имаа право на глас, со што е исполнет законскиот праг за успешност на референдумот.
Според првичните неофицијални информации, на здружението „Спас за нас“, кои го набљудуваа референдумскиот процес, 97,9% од граѓаните гласале против отворање на рудниците, 1,1% гласале за, додека 1% од гласачките ливчиња биле неважечки. Дополнително се чека Општинската изборна комисија да ги соопшти официјалните резултати.
Од невладината ЦИВИЛ, кои исто така го набљудуваа процесот, соопштија дека референдумот се одвивал во мирна атмосфера и дека се регистрирани само помали нерегуларности.
„Им честитаме на граѓанките и граѓаните од Општина Гевгелија за успешно спроведениот референдум. Референдумот е успешен, со доста висока ислезност. До 17 часот имаше над 14 илјади гласачи кои излегоа да се изјаснат. Тоа говори за една висока политичка култура и граѓанска свест во оваа општина. Референдумот се одвиваше во мирна атмосфера. Ние регистриравме помали нерегуларности, како непознавање на процедурите од избирачките одбори, непознавање на референдумското прашање, што е блага опомена за Општинската изборна комисија и надлежните органи кои би требало да работат на информирање на локалната јавност. Во моментов нашите екипи го следат броењето на гласовите, иако веќе претпоставуваме каков ќе биде исходот, но ќе го почекаме утрешниот ден кога ЦИВИЛ ќе излезе со конечни информации за сите свои наводи“, изјави непосредно по затворањето на избирачките места Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Референдумот во Гевгелија го распиша општината по иницијатива на граганското здружение „Спас за нас“, откако изминативе три години канадски компании вршеа детални геолошки истражувања за рудно богатство на планината Кожуф
Ова е втор референдум од локален карактер во историјата на Република Македонија, по оној во скопската Општина Центар во 2015 година за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар, кој заврши неуспешно бидејќи на него не излегоа повеќе од половината жители на општината со право на глас.