Македонија е рангирана на 111-то место, од 180 земји во светот, во новиот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“ (РБГ). Земјата напредувала 7 места, во однос на минатогодишното рангирање.
На Македонија друштво и прави Бугарија (на 109-то место), но и земји како Парагвај, Уганда, Централноафриканска Република и Габон.
Според РБГ, медиумските слободи назадувале во целиот балкански регион, но ерозијата на правото било највидливо во Македонија.
„Клеветата беше декриминализирана во 2012 година, но, процесите беа заменети со граѓански, со можност за високи парични и затворски казни за новинари и сопственици на медиуми. Имаше голем број пријави за закани, насилство, малтретирање и заплашување на новинари за време на протестите во 2016 година, но малку од одговорните беа казнети за тоа. Политичката нестабилност влијае на работата на новинарите и притисоците од партијата на власт доведоа до некои медиуми самите да се цензурираат“, пишува во делот за Македонија насловен „Балканското лошо момче“.
Од земјите во регионот Македонија, како и претходните години, е најлошо позиционирана. На Балканот предничи Словенија (37 место), следуваат Романија (46), Србија (66), Хрватска (74), Албанија (76), Косово (82), Грција (88), Црна Гора (106), а најлоша е Турција (155).
Македонија најдобриот скор на индексот го имаше во 2009-та година, кога беше на 34-тата позиција, додека најлошо позиционирана беше во 2014-тата, на 123-тото место.
„Светската мапа станува се поцрна“, коментираат од РБГ во анализа на извештајот, додавајќи дека расте бројот на земји каде ситуацијата со медиумските слободи е многу лоша.
„Репортери без граници отсликуваат свет во кој нападите на медиуми станаа вообичаеност, додека авторитарните лидери се во пораст. Достигнавме време на пост-вистина, пропаганда и ограничување на слободите – особено во демократиите“, стои во анализата насловена како „точка на прелевање“.
Традиционално, скандинавските држави и оваа година се на врвот на рангирањето. На првото место се најде Норвешка, а следуваат Шведска, Финска, Данска и Холандија. На дното на листата се наоѓаат Кина, Сирија, Туркменистан, Еритреја и Северна Кореја, која се најде на дното на индексот земји со најмала медиумска слобода во 2017-та година.