Граѓанската иницијатива „АМАН“ побара Државната изборна комисија (ДИК) да ја прекине постапката за собирање потписи, оти во рекорден рок се собрани над 11.000 потписи од граѓаните за промена на Законот за енергетика.
– Државната изборна комисија сега треба да се произнесе по нашето барање, со што ќе ни овозможи да го собереме материјалот од подрачните единици на ДИК во кои граѓаните даваа потписи. Во рок од три дена од почетокот на собирањето на материјалот ние треба да го доставиме до Собранието на Република Македонија – вели Џелал Хоџиќ, активист на „АМАН“.
„Аман“ иницијативата за собирање потписи за промена на Законот за енергетика официјално треба да ја заврши на 31 јануари, па дури потоа да го собере материјалот и да го достави до Собранието. Потоа, Собранието на РМ на пленарна седница треба да ја утврди потребата од измените на Законот за енергетика и потоа да почне редовната собраниска процедура за промени на законот.
Со барањето за прекинување на постапката активистите на „Аман“се надеваат дека навреме ќе ги завршат процедурите и ќе го достават материјалот до Собранието за тоа да може пред локалните избори да се произнесе за оправданоста на бараните измени на Законот за енергетика.
Собранието, пак, пред локалните избори ќе одржи уште три седници, а последната е на почетокот на идниот месец.
„Аман“ предлага воведување на три часа дневна евтина струја, како и законско регулирање на плаќањето на парното греење во кое ќе стои дека граѓаните кои се откажале од парно нема да плаќаат никаков надоместок.
Извор: Плусинфо