[Видео] 25 години МЕЃАШИ – борба за поправеден свет за децата

Пред 25 години, на 29-ти април 1992 година во Скопје беше создадена Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ – Република Македонија. Оформена како граѓанска реакција, на почетокот на војната во Босна и Херцеговина, со цел да им се помогне на децата бегалци. Нивната работа на тоа поле се уште трае.

Во документарниот филм „25 години Прва детска амбасада во светот – Меѓаши“ се прикажани состојбите и последиците кои војните ги оставаат врз децата. Почнувајќи од војната во Босна и Херцеговина во 1992, преку Косово 1999, Македонија 2001 и Сирија 2017.

Од Меѓаши истакнуваат дека се загрижени за актуелната ситуација во Македонија која негативно се одразува врз децата и повикуваат на присебност, совест, демократија и владеењето на правото против употребата на сила.

„Нашите пораки со овој филм до сите граѓани/ки, особено до политичарите се: да ги постават интересите на децата пред сѐ, да сторат сѐ за да се спречи насилството во и надвор од институциите, оти: децата гледаат, децата прават! Да им дадат шанса на мирот, на демократијата, со тоа им даваат шанса на децата, на младоста! Што и да се случи, да знаат дека носат одговорност! Да покажат разумност и ненасилство во секоја постапка! Да знаат дека на децата им треба мир, љубов, благосостојба, а не војна, омраза, сиромаштија“, додаваат од детската амбасада.

НАПОМЕНА:

Филмот не се препорачува за деца под 12 години и за негово следење е неопходен надзор од родител или старател. Филмот завршува со потресни сцени на деца жртви од војната во Сирија, со порака да не биде дозволено тоа да се случи на ниту едно дете.