Скопската полиција синоќа привела уште три лица кои се сомничат за кривични дела направени при насилниот упад во Собранието на 27 април.
Како што информираат од МВР, се работи за В.Н. (45), Д.П. (33) и В.Ц. (33), сите од Скопје, коишто се сомничат за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ и „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.
Од судија на претходна постапка на В.Н. веќе му е изречена мерка притвор во траење од осум дена, а синоќа во полициската станица Кисела Вода сам се пријавил и В.Т. (40).
„Така што до овој момент на сила се уште централни расписи за осум лица, по кои полицијата трага. Досега од 12 -те приведени, за шестмина од нив им е изречена мерка притвор во траење од по осум дена, за едно лице мерка домашен притвор, а за две лица мерка – претпазливост“, информираат од МВР.
Како што МВР претходно соопшти, скопската полиција во координација со скопското Обвинителство досега поднесе кривични пријави за 20 идентификувани лица учесници во нередите во парламентот.
„Покрај ова до ОЈО Скопје поднесени се извештаи за досега собраните сознанија околу лица организатори на протестот, како и лица кои што учествувале во отстранување на претходно поставената блокада на вратата од внатрешната страна од главниот влез на собраниската зграда. СВР Скопје продолжува со детална истрага за натамошна идентификација на лица кои евентуално учествувале во нередите, вклучително и околу вчера откриената импровизирана експлозивна направа на првиот кат во зградата на Собранието на Република Македонија (плинска боца од 300 милилитри на која со селотејп лента била залепени пиротехнички средства-петарди поставени една до друга)“, соопштуваат од МВР.