Здружението на граѓани Сакаме Аеродром да дише реагира на користењето на небезбедна пиротехника, испукана од улицата пред трговскиот центар „Капитол“. Како што велат, огнометот бил испукан веднаш до детско игралиште и можело да загрози било кого од случајните минувачи.
„Вчера, околу 9 часот, во непосредна близина на трговскиот центар „Капитол“ во Аеродром, оддекнуваше огномет. Како што може да се види на видеото во прилог, огнометот беше испален насред улица и покрај детско игралиште преполни со луѓе и деца, директно загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните и кршејќи го законот за јавен ред и мир“, реагира „Сакаме Аеродром да дише“.
Тие велат дека иако се работи се опасно пиротехничко средство, од општината немало никакво предупредување или реакција. Огнометот траел десетици минути, а додаваат и дека ги вознемирувал граѓаните и ги доведувал во животна опасност сите оние кои се наоѓале во близина.
„Општината не испрати предупредување, ниту презеде било какви безбедносни мерки, иако огнометот беше испален во населено и фреквентно место. Го прашуваме Ивица Коневски зошто дозволи вчера да се загрози безбедноста на бројните луѓе и деца кои се наоѓаа околу трговскиот центар „Капитол“? Ставањето на животот на граѓаните во опасност преку користење на експлозивни материјали е недозволиво и противзаконско“, пишуваат од граѓанската организација.
Тие бараат организаторите на огнометот веднаш да бидат казнети согласно Законот за јавен ред и мир, а општината да објасни зошто не ги превзема потребните мерки.