Независниот Академски Синдикат (НАкС) се залага за почитување на академската автономија и за реетаблирање на дигнитетот на академската заедница, па оттаму има и огромна одговорност да реагира на последните случувања со изборот на декан на Стоматолошкиот Факултет при Универзитeтот ,,Св. Кирил и Методиј“. Нивното писмо го пренесуваме интегрално.
Наставно-научниот совет на факултетот на 37-мата редовна седница, одржана на ден 12.12.2016 година, донела одлука за утврдување на кандидат за декан на Стоматолошки факултет – Скопје за мандатен период 2017-2021 година. Како единствен кандидат за декан бил утврден проф. д-р Ќиро Ивановски, со мнозинство гласови од присутните членови на Наставно-научниот совет на факултетот.
На 01.05.2017 на Стоматолошкиот факултет при УКИМ, од страна на ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски, беше назначен вршител на должност (в.д) декан. Законот за високото образование предвидува само два случаи кога ректорот може да назначи в.д. декан и тоа:
1) Ако во определниот рок предвиден со статут на универзитетот единицата не предложи кандидати за декан, односно директор, ректорот назначува времен вршител на должност декан, односно врштел на должност директор, за време определено со статутот на универзитетот.
2) Во согласност со статутот на универзитетот ректорот може за непочитување на законот, статутот, општ акт или одлука на универзитетот да суспендира декан или директор на единица на универзитет и да постави времен вршител на должност декан
Ниту една од двете наведени ситуации не е валидна за назначување в.д. декан на Стоматолошкиот факултет. Ректорот нема право да назначува в.д. декан, кога факултетот навреме предложил кандидат за декан. Одлуката со утврдениот кандидат е доставена уште во декември, 2016. Доколку, тогаш ректорот сметал, дека е направен пропуст при изборот, можел навремено да реагира. Но, ректорот не донел никаква одлука, со што сторил повреда на член 54, став 1 алинеја 9 од Законот за високото образование. Покрај тоа, погазена е волјата на мнозинството на членовите на Наставно-научниот совет на факултетот кои гласале и предложиле кандидат за декан за да подоцна нивниот став биде анулиран и им биде назначен времен вршител на должност.
Бидејќи Независниот Академски Синдикат се залага за сеопфатна заштита, што подразбира и заштита на личниот, професионалниот и стручниот интегритет на своите членови согласно принципот на автономијата на Универзитетот, како и заштита на правата што произлегуваат од работен однос, НАкС ги поддржува напорите на колегата проф. д-р Ќиро Ивановски да се спротивстави на обидот за негова лична дискредиција и за непочитување на одлуките на колегите од Стоматолошкиот факултет и ги повикува сите членови на Сенатот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ да побараат објаснување од Ректорот на УКИМ за поставувањето в.д. декан и овозможување избори кои се во согласност со Статутот на УКИМ.
НАкС е загрижен дека со овој настан се нарушува угледот на УКИМ, а и сериозно се загрозуваат работничките права на колегите вработени на Стоматолошкиот факултет, бидејќи со незаконски назначен в.д. декан се доведува во прашање целокупното функционирање на Стоматолошкиот факултет. Тоа негативно ќе се одрази кон сите вработени, студентите и јавноста. Можно е да настанат несакани финансиски последици кои ќе влијаат на редовната исплата на плати на вработените. Се загрозува и правната сигурност на студентите, бидејќи отсуството на декан значи попречување Стоматолошкиот факултет, како јавна високообразовна установа, да ги извршува професионално и навремено образовните, научните и апликативните дејности.
НАкС остро го осудува ускратувањето на правото на приговор на проф. д-р Ќиро Ивановски до членовите на Сенатот на УКИМ што е во согласност со член 188 од Статутот на УКИМ и ускратувањето на правото за избор на декан без никакво образложение,
НАкС бара од Ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски да ја почитува волјата на колегите од Стоматолошкиот факултет и да даде образложение за игнорирањето на нивниот избор.
НАкС потсетува дека академската заедница покрај права има одговорност кон сите дејства кои директно или индиректно влијаат врз развојот на високото образование, и дека мора да постапуваме како образовани, инфомирани, слободоумни и освестени индивидуи, бидејќи само на тој начин ќе се подига нивото на професионалност и ќе се реетаблира/потврди дигнитетот на академската заедница.
Со почит,
Независен академски синдикат
06.05.2017