Бенкси ја презеде одговорноста за новиот мурал на тема „Брегзит“, на зграда во британскиот град Довер.
Големата уметничка инсталација, од најпознатиот уличен уметник во светот, покажува работник на скали, како со клин и чекан отстранува една од 12-те ѕвезди на знамето на Европската Унија. Но, главната порака, веројатно е онаа која се крие во деталите. На фотографиите од поблиску, може да се забележи како од ѕвездата која се крши излегуваат пукнатини кои се шират низ целото знаме.
Претставници на герила-артистот од Бристол потврдиле дека делото е негово, додека Бенски постави неколку слики и на својот официјален Инстаграм профил.
Уметничката инсталација во градот, кој е еден од главните поврзници на Британија со Европскиот континент, доаѓа во тек на кампањата за парламентарни избори во земјата и пред почетокот на официјалното напуштање на ЕУ.
Мистериозниот Бенкси, со таен идентитет, е познат по политичките пораки на неговите улични мурали.